Skip to main content

Проект

Тим од ОЕМУЦ изработи пловило на соларен погон

Пловилото е плод на макотрпната работа на учениците, менторите и раководниот тим на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
 |  инфодеск  | 
Бродче соларен погон

Христијан Груевски, Евгенија Шулевска, Шефко Асим, Никола Илиоски, Даниел Котоски, Јован Матлиојоски, се тимот од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ кои го изработија пловилото на соларен погон, а со тоа ја освоија првата награда на државниот натпревар „Предизвик за млади истражувачи 4“. Добиените парични средства од Фондот за иновации и технолошки развој им помогнаа успешно да го реализираат овој интересен и пред се корисен проект.

Јас конкретно бев задолжен за осмислувањето на овој проект и за истражувањето на сончевите колектори и нивната издржливост. Ми беше ќеиф бидејќи во денешно време се се сведува на електричен погон освен наутиката, ете и ние осмисливме како наутиката да ја префрлиме на електричен погон. Се е безбедно, нема опасност од струен удар, се се сведува на 24 волти еднонасочен напон – истакна Христијан Груевски, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Бродче соларен погон

Се надеваме дека овој проект ќе претставува импулс за развој и употреба на ваков тип на пловила на Охридското Езеро и на сите водени површини во државата. Покрај еколошкиот аспект од користењето на вакви пловила, значаен е и за туристичкиот сектор, односно има можност да привлече туристи кои бегајќи од урбаните и бучни средини (обично и загадени), ќе уживаат во природните убавини на нашиот Национален парк „Галичица“ и Охридското Езеро како дел од него, кажа Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Ние имаме стручни предмети за енергетска ефикасност, кои ги изучуваат нашите ученици во 3-та и 4-та година во редовна програма како факултативни предмети и се потполно запознаени. Во проектот за енергетска ефикасност сме вклучени 10 години. Ние го изработивме и комплетно е во наша сопственост и засега планираме да го користиме како туристичка атракција – вели Недески.

Бродче соларен погон

Менторите проф. Ангелоски Сашо и проф. Виолета Никовска објаснуваат дека во недостиг на доволна сончева светлина, пловилото ја користи енергијата складирана во батериски ќелии. Овој прототип, нормално, може да се усовршува и со индустриско производство, целосно да ги истисне бензиските мотори на пловилата.

Работевме околу 6 месеци, првично собиравме информации од луѓе кои се занимаваат со оваа проблематика подолго време, со искуство, да видиме какви се нивните мислења, дали може да се реализира ваков проект. Предизвикот беше дотолку поголем, бидејќи првичните реакции беа дека не може така, пентата веднаш ќе го потроши акумулаторот. Но, пред нас гледаме возило со тежина од 240 кг, со 4 патници кое може да плови цел ден. Најтешкиот дел беше да се одговори на предизвикот да го склопиме, ги имавме елементите, но сите сметаа дека не е изводливо – кажа проф. Сашо Ангелоски.

Истражувањето и анализите во проектот се потврдија и се докажаа преку реализацијата на истиот односно, се конструира пловен објект кој целосно е на сончева енергија. Без емисија на штетни гасови, без користење на скапи фосилни горива, без создавање на бучава, неограничено и бесплатно, со целосна автономија, пловилото нуди уживање преку цел ден, вели проф. Ангелоски.

Бродче соларен погон

Првиот човек на градот, градоначалникот Кирил Пецаков, вели дека за поздравување и апсолутна поддршка е трудот на овие млади луѓе, но и сите оние кои се свесни за зачувувањето на животната средина, преку користењето на обновливите извори на енергија.

Дефинитивно како локални самоуправи, мора она што го правиме досега, трееба уште повеќе да излегуваме во пресрет, посебно на младите луѓе кои имаат идеи и можат да победат на одреден повик и да најдат финансии за она што го замислиле. Треба да правиме програма на крајот на годината кога се носи буџетот, која ќе е наменета за вакви иновиции, за ние да можеме да ги поддржиме – потенцираше градоначалникот Пецаков.

Бродче соларен погон

Овој проект за изработка на пловило на соларен погон кој е финасиран од Фондот за иновации и технолошки развој е во рамките на натпреварот „Предизвик за млади истражувачи 4“ докажува дека веќе се создадени услови и пловилата да имаат погон на електрични мотори.