Тим ученици од ОУ „Григор Прличев“ освоија врвна иновативна награда на ниво на државата
Со проектот кој го изработија го потенцираат значењето на алтернативните извори на енергија во зачувување на здравата животна средина. Со овој голем успех во време на пандемија го издигнавме училиштето на највисок пиедестал, напоменува директорката на ова општинско основно училиште.
Десетмина ученици од ОУ „Григор Прличев“ добија врвна иновативна награда на ниво на државата. Тим составен од вредни и паметни ученици од 6-то до 9-то одделение од ОУ Григор Прличев се прво рангирани на проектот „Значење на користење на алтернативни извори на енергија за зачувување на здравата животна средина“. Учениците Леонид Тодороски, Митко Савев, Софија Милеска, Климент Симоноски, Дарјан Славкоски, Леонид Курто, Ивана Јанкулоска, Марија Јакимоска, Димитар Ѓуроски и Сара Неделкоска го сочинуваат амбициозниот тим кој освои врвна иновативна награда. Тие со помош на менторите, наставници по техничко образование Цветанка Ристеска и Благоја Ристески постигнаа голем успех и се гордост на основното училиште. Реализацијата на проектот ја појаснува наставникот по техничко образование Цветанка Ристеска.
„Проектот се состои од повеќе фази на истражување, анализа на податоци, нивна обработка и како последна етапа самопромоција на резултатите од истражувањето кое ќе се реализира следната година. Тимот од ученици вредно ќе истражуваат, ќе конструираат и модели на машини кои ќе користат алтернативни извори на енергија, ќе мерат светлина со мерач кој сами ќе го констриуираат. Ќе се обидат да го потенцираат значењето на алтернативните извори на енергија во зачувување на здравата животна средина“.
Вредните ученици за прв пат се пријавија на конкурсот од Фондот за иновациски технолошки развој и Министерството за образование и наука. Мотивот беше многу голем кај ученците, а добија поддршка и од нивните ментори. Со овој голем успех во време на пандемија го издигнавме училиштето на највисок пиедестал, напомена Ивана Махововска Шикалеска, директорка на ОУ „Григор Прличев“.
„ Идејата ја развија самите ученици со помош на своите наставници ментори. Бевме свесни дека имаме совршен проект бидејќи учениците го изработија многу темелно, а изработија и макета на робот, како би изгледал проектот.“
Учениците од ОУ „Григор Прличев“ во оваа учебна година освоија и бројни први награди на државните натпревари по биологија, хемија, физика и математика. Ученикот Леонид Тодороски освои сребрен медал на Државната олимпијада по математика и ќе биде дел од тимот на јуниорската Балканска Олимпијада. Нашето училиште се гордее со успесите на сите наши ученици, потенцира директорката Ивана Маховска Шикалеска.