Skip to main content

ТЛЕР бара начин како да им помогне на станоиздавачите од мал обем

ТЛЕР бара начин како да им помогне на станоиздавачите од мал обем кои се засегнати од измените на Законот за угостителска дејност. Неодамна се одржа јавна расправа на која присуствуваа приватни станоиздавачи, хотелиери и законодавците. Заклучоците од средбата се пратени до Министерството за економија и релевантните институции. Се надеваат дека до почетокот на летото ќе се изнајде компромисно решение.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Секторот за локален економски развој бара начин како да им помогне на станоиздавачите од мал обем поради проблемот кој се јави по имплементацијата на Законот за угостителска дејност со кој се оневозможени да издаваат решенија или да им ги продолжат старите решенија на сите станоиздавачи во колективните станбени згради, односно оние кои се наоѓаат под еден покрив. Неодамна ТЛЕР организираше јавна расправа на која беа присутни и хотелиери и приватни станоиздавачи и законодавците. На јавната расправа биле донесени неколку заклучоци, а пред се целта била да се изнајде компромисно решение со кое ќе се задоволни и приватните станоиздавачи и хотелиерите.

Ние бараме начин и иницираме различни модели како ова законски да се реши. Треба да се направат измени на законот  со што од една страна би им се излегло во пресрет на приватните станоиздавачи, а од друга би се заштитиле хотелиерите кои работат согласно законот, вели Ѓоко Апостолов- раководителот на ТЛЕР.

Апостолов објаснува дека Охрид е најзасегнат од ваквите измени на законот за угостителска дејност бидејќи дури 80% од сместувачките капацитети на ниво на Македонија се токму кај нас. Нагласува дека мора да се води сметка и за приватните станоиздавачи и за хотелиерите ако сакаме да го развиваме туризмот во градов.

Се чуствува една обесправеност и кај хотелиерите и едно предимензионирање на приватните станоиздавачи бидејќи дел од нив работат малтене како хотели, а делуваат како физички лица. Затоа мора да се најде некоја средина за никој да не биде оштетен, вели Апостолов.

Заклучоците од јавната расправа веќе се испратени до Министерството за економија и до другите надлежни институции кои треба да ги проследат до владините комисии. Апостолов е убеден дека до почетокот на летото ќе се реши овој проблем и ќе се направат законски измени кои ќе бидат прифатливи за сите.