ТЛЕР ги обработи податоците за туристичката сезона 2015та
ТЛЕР речиси ги обработи податоците за бројот на гости и остварени ноќевања како и наплатена туристичка такса за 2015та. Параметрите покажуваат дека летото што измина е многу подобро од тоа претходно. Локалната оваа година ќе работи на зголемување на бројот на домашни гости.
Туристичката сезона 2015та многу поуспешна од 2014та. Ова го покажуваат податоците од Секторот за туризам и локален туристички развој. Бројките кажуваат дека има подобрување на вкупниот број на гости и во однос на наплатата на туристичката такса, а и во бројот на остварени ноќевања. Во 2015 за 6,6% остварените ноќевања се поголеми од минатата година, со тоа што ноќевањата на домашни гости се намалени за 2,9%, а во однос на тоа пак ноќевањата на странски гости се зголемени за 11,4%.
Ова се податоци од ТЛЕР и тие се поклопуваат со оние од Државниот завод за статистика иако има некои мали отстапувања и разлика кога станува збор за процентите на остварени ноќевања. Дали станува збор за некоја грешка или е некоја друга методологија во прашање тоа не можам со сигурност да кажам, вели портпаролот на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски.
Наплатата на туристичката такса е зголемена за 12% или во бројки во 2015та наплатени се 16 229 550ден, а во 2014та биле наплатени 14 465 481ден.
Овие бројки и податоци можеби ќе претрпат некоја мала корекција, но она што го имаме како извештај покажува дека 2015та во секој случај е многу подобра сезона од 2014та. Посебно радува фактот што се зголемува процентот на странски посетители, а интенција на Локалната за оваа сезона е да го зголеми и процентот на домашни гости, вели Џамтоски.
До крајот на февруари или почетокот на март треба да бидат целосно обработени податоците и да биде доставен целосен извештај до Советот на општина Охрид. Тоа ќе биде и основа за краткорочната стратегија која ќе ја прави Локалната за нареднава летна сезона.