Skip to main content

OHRID GO – ROADS NOT TAKEN

ТЛЕР: Имаше застој, но сега реализацијата на Ohrid Go влезе во напредна фаза

До кога и дали воопшто ќе биде реализиран проектот Ohrid Go, побараа одговор од локалната, градските советници.  Pump Up траката,  адреналинскиот парк и градскиот систем со велосипеди  тапкаат во место, а се ближи крајот на рокот за имплементација на активностите предвидени со проектот финансиран од ЕУ.  Физибилити студијата за  поранешната касарна се уште е во нацрт верзија, реагираат советниците од опозицијата. Од Секторот за Туризам и локален економски развој, пак, велат дека имало застој но дека сега  работите се во напредна фаза.
 |  Маја Савиќ  | 

Предолго се одложува реализацијата на проектот Ohrid Go.  Градските советници побараа објаснување од Секторот за туризам и локален економски развој при локалната, дали воопшто предвидените содржини  како Pump Up  траката и адреналинскиот  парк ќе се изградат. Во меѓувреме проектот градски систем Smart City  се преиначи и место велосипеди предвидува електрични возила. Физибилити студијата за развој на поранешната касарна во технолошко-рекреативна зона се уште е во нацрт верзија.

„ Во точка на мирување се сите тие проекти. Се уште се прави некоја анализа, далеку се од набавка, а исто така овој градски систем со велосипеди сега е во фаза на анализа од некое експертско лице од Германија. Значи сакам да прашам , дали воопшто ќе бидат реализирани, до кога е рокот?“ – праша на последната седница на Совет, координаторка на советничка група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска.

Од Секторот за ТЛЕР, пак,  велат дека работите се во напредна фаза. Тендерот за Pump Up патеката завршил и се прави евалуација на понудите по што за брзо време се очекува потпишување на договор со избраниот изведувач. 

„ Тендерот за адреналинскиот парк е комплетно готов. Тука се правеше промена на локацијата, што значи комплетна измена на целата техничка документација, нормално со одобрение на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Тоа е завршено.  Деновиве ќе се објави. Тој ќе биде јавен тендер бидејќи е над 100 000 евра. Ќе трае до крај на декември и од јануари сигурно ќе се почне со работа на адреналинскиот парк.Се разбира доколку временските услови го дозволуваат тоа. “ – кажа Ѓоко Апостолов – Сектор за ТЛЕР.

До месец мај се очекува да бидат завршени Pump Up траката и адреналинскиот парк.  Во врска со градскиот систем Smart City ќе има продолжување на рокот за три месеци бидејќи направена е  измена  во согласност со добиено експертско мислење од лица назначени од Делегацијата на ЕУ во Македонија . Сега треба да се донесе одлука  дали градскиот систем ќе биде со електрични возила кои првенствено ќе се користат во Стар град или ќе биде комбинација на велосипеди и електрични возила.  И физибилити студијата за просторот на поранешна касарна претрпела преработки врз база на експертски мислења од  ЕУ .

„Финалната драфт верзија е готова. Следната недела ќе биде објавена на веб страната на Општина Охрид, по што очекувам за две недели да закажеме јавна расправа на којашто ќе биде презентирана, ќе се очекуваат некакви сугсетии и забелешки. Кога сето тоа ќе се докомплетира , јас би рекол до крај на оваа година ќе ја имаме финалната верзија која ќе оди на Совет на усвојување. “ – посочи Апостолов.

Договорот за проектот  „OHRID Go“, финансиран од страна на Европската Унија преку програмата ЕУ за општините, беше потпишан во ноември 2021,  имплементација започна во декември истата година и  според најавите треба да заврши во рок од 30 месеци или до средината на 2024-та. Од предвидените содржини во моментов функционира само Старт ап центарот Касарна Хаб.