Торта и благодарност до медиумите и граѓаните од кандидатите за пратеници од ВМРО ДПМНЕ
Со торта и благодарност до медиумите и граѓаните кандидатите за пратеници од ВМРО ДПМНЕ официјално ја одбележаа победата на двојните избори. Рекоа дека во законодавниот дом ќе се залагаат за поголем просперитет на Охрид.
Моите чувства поради овие историски мигови на големата двојна победа на коалиција на ВМРО-ДПМНЕ сакам да ги споделам со сите граѓани на Охрид и Република Македонија и со вас медиумите, рече новиот пратеник од Охрид, доктор Сашо Василевски на денешната пресс конференција која беше одржана за прв пат по прогласувањето на победата на претседателските и парламентарните избори.
– Ја добивме поддршката на народот и затоа искрено им сме благодарни и ги уверувам дека нашата работа во парламентарниот дом исклучиво ќе биде за интересите на нашата држава, Република Македонија и за нашиот град Охрид. Ќе се трудиме Охрид да добие што повеќе инвестиции Сите наши проекти, заложби, ветувања, немаше да бидат достапни до целокупната популација доколку не беа медуимите и нивната поддршка, рече Василевски.
И кандидатот за пратеник Љубен Арнаудов изрази благодарност до граѓаните на Охрид и до медиумите.
– Се покажа дека охриѓани се свесни, знаат да проценат што е добро за нив и за државата, и го дадоа својот глас на вистинското место, со надеж дека тој глас нема да е залудно потрошен. Нашите претставници во парламентот ќе се покажат достоинствено и ќе работат на интересите на сите, изјави Арнаудов.
Александар Николовски пак рече дека досега поминал четири изборни кампањи, но на последната го имал најдобриот тим за соработка.
– Бевме добро уиграни, добро координирани, речиси и да не направивме некоја крупна грешка. Секогаш го правевме она што беше потребно. Им благодарам на сите без разлика на која политичка партија гласаа и да ги повикам сите кои добија мандат да дојдат во Собранието најдоцна до 17-ти мај и заеднички да почнеме да работиме зашто граѓаните гласаа и за ВМРО-ДПМНЕ, и за СДСМ, и за ДУИ, и за ДПА, РДК, ГРОМ и сите политички партии треба да имаат претставници во Македонското собрание, подвлече Николовски.
На крај неколку збора кажа и портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Никола Митровиќ, кој рече дека пресс центарот функционирал беспрекорно поради искуството на тимот и соработката со кандидатите за пратеници.
{loadposition content9}