ТППЕ Охрид има потреба од нови возила
Противпожарната единица во Охрид функционира со возила стари три децении. Возниот парк се состои од седум противпожарни возила, од кои шест се уште од времето на Југославија. Најстарото возило за делување на терен е од 1980 година.
Командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски вели сите возила се технички исправни, успеваат навремено да одговорат на задачите и работата, но сепак е доста тешко да се одржува старата опрема.
Располагаме со седум возила, просечна старост околу 30 години. Тие моментално се технички исправни ги одржуваме. Во иднина се надеваме дека ќе добиваме понови возила. Доволна бројка, но треба да се обнови возниот парк – вели Борко Јанкулоски командир ТППЕ Охрид.
Во противпожарната единица Охрид недостигаат и пожарникари. 38 мина вработени се доволна бројка за да се покрие Охрид, но бидејќи ја покриваат и општина Дебрца се соочуваат со дефицит на вработени.
Располагаме со 38 пожарникари, бројката е мала бидејќи ја покриваме и територијата на општина Дебрца. Тоа е доволна бројка за Охрид, ни недостигаат 8 до 9 пожарниакри. Често апелираме да се вработуваат млади пожарникари здрави психофизички. Сега гледаме дека ќе има измени во законот ние апелираме да се стави законска рамка во однос на старосната граница за вработување како филтер. Со цел млад пожарникари кој за неколку години ќе станат искусни пожарникари – додава Јанкулоски.
Ентузијасти пожарникари работат на неколку проекти со цел набавка на нови возила барем како донации. Во зимскиот период 90 проценти од интервенциите на терен се однесуваат на гаснење пожари предизвикани од неисчистени оџаци.
Од ТППЕ апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорни, навреме да ги чистат оџаците.
Новинар : Соња Рилковска