ТППЕ Охрид ќе ја продлабочува соработката со волонтерските противпожарни друштва, а ќе се формираат и нови
ТППЕ Охрид ќе ја продлабочува соработката со волонтерските противпожарни здруженија, а ќе се формираат и нови. Досега професионалните пожарникари остваруваат успешна соработката и добиваат драгоцена помош од волонтерското здружение „Ентузијаст“ кое со 25 волонтери обучени за гаснење пожари на отворен простор дејствува во Охрид и Дебрца. Воспоставена е и соработка со волонтерски противпожарни друштва од покраината Тирол, Република Австрија, која освен размена на искуства и доопремување има за цел да ја подигне свеста за волонтеризмот во справувањето со пожарите.

„Склучена е повеќегодишна соработка со која ќе се подобруваат капацитети на ТТПЕ Охрид и волонтерското здружение. Ние како ТППЕ изработивме квалитетен план за противпожарна заштита на општините Охрид и Дебрца, односно заедно со австриските соработници ги маркиравме потребните точки каде треба да се подобрува и работи на создавање на волонтерски здруженија.“ – вели командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.

Охридската противпожарна служба со 39 вработени, има потреба од дополителни кадровски потенцијали особено во периодот на летните месеци. Планот за противпожарна заштита на Општина Охрид и Дебрца, кој го изработи ТППЕ Охрид ја нотира потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, која треба да биде соодветно опремена за делување при поголеми пожари во Охридскиот регион.

„Ние покриваме две општини, една огромна територија на потегот према селото Белчишта и селото Пештани првичната реакција од волонтерите ќе биде од огромно значење се додека нашите екипи пристигнат на лице место.“- додава Јанкулоски.
Планот ги лоцира и критичните точки каде помошта од волонтери е повеќе од добредојдена.
„Како највисоко ризично место од противпожарен безбедносен аспект се Стариот дел на градот каде веќе склучивме договор за поставување на три пумпни станици кои волонтерите ќе ги користат во случај на пожар во тој дел на градот. Тие ќе бидат техничка поддршка на ТППЕ Охрид.
Втората точка е во село Белчишта, Општина Дебрца каде исто така ќе се формира Доброволно противпожарно друштво кое ќе добие специјални возила од Р. Австрија од Тиролската област.
Третата локација е селото Пештани, каде исто е планирано формирање на Доброволно противпожарно друштво опремено со возила и соодветни обуки на волонтерите.„ – објаснува командирот Јанкулоски.

Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ има свои простории во поранешната касарна во Охрид кои треба да се подобрат и соодветно опремат. Неодамна доби вредна донација од австриската покраина Тирол, специјализирано возило за гасење пожар и опрема, со што се зголемуваат капацитетите на друштвото за дејствување.