Традиционална полска вечер на Охридско лето
Полската пијанистка, Јоана Трзечјак ќе ја анимира публиката со делата на Бетовен, Шимановски и Шопен.
Црквата Света Софија по кој знае кој пат ќе ја понуди својата совршена акустика за уште едно музичко доживување на Охридско лето. Овој пат, на репертоарот е полската вечер која веќе традиционално претставува дел од нашиот најреномиран фестивал. Соработката помеѓу Охридско лето и полската амбасада изминативе години се покажа како цврста врска и мост помеѓу нашата и полската култура. За нераскинливата алка помеѓу Охридско лето и Полска проговори претставникот од полската амбасада во Македонија, Марта Пжемиосло.
„Благодарам на овој настан. Ова е трета година како имаме можност да соработуваме со фестивалот Охридско лето. Многу ни е драго, и ние од полската амбасада се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи понатаму. Денес нашиот заеднички гостин, Јоана Трзечјак е многу добра пијанистка од Полска која има настапувано во многу држави тука во Европа и целиот свет.“-вели претставникот од полската амбасада во Република Македонија, Марта Пжемиосло.
Пијанистката Трзечјак со восхит зборуваше за прекрасниот поглед, за панорамата на Охрид, за планините за кои вели и се омилено место. Но со особено воодушевување ја спомена црквата Света Софија, каде вечерва настапува.
„Имав кратка проба во црквата. Тоа е една навистина посебна црква затоа што вообичаено во другите цркви акустиката е едноставно премногу за едно пијано, но во оваа црква таа е навистина совршена.“-рече пијанистката Јоана Трзечјак.
Трзечјак ќе свири дела од репертоарот на Бетовен, Шимановски и Шопен. Инаку Јоана Трзечјак е пијанист со богата интернационална кариера и настапи на сите светски континенти. Како солист остварила соработки со реномирани оркестри и диригенти, а одржала и рецитали во престижни концертни сали. Во 2010 година таа ја доби значајната награда – Орден за посебни заслуги од страна на Министерството за култура на Република Полска.
{loadposition content9}