Традиционално за Илинден во Охрид нема каде игла да фрлиш
Традиционално околу Илинден Охрид го живее шпицот на сезона, главниот туристички центар е преполн со туристи. Гужви во охридската чаршија, на градскиот кеј, во стариот дел на градот, голема посетеност на плажите вдолж брегот на Охридското езеро.
Туристичките работници задоволни од сезоната, велат во Охрид и Струга овие денови се бара место повеќе, а целосна исполнетост ќе има до средината на август.
„Очекуваме како што е сега полн градот во август да биде до крај на август а може и септември ако не послужи времето, да остане полн со туристи. Цените на апартманите се движат околу 50 евра. Сме букирани до крај на август“, вели Крсте Крстески угостител.
Задоволни се и туристите, воодушевени од Охридското Езеро, природата, културно историските споменици, но и гостопримството на домаќините.
„Ова е прв пат да ја посетам Македонија. Многу ми се допадна Света Софија, многу интересна црква.Многу историја“, вели турист од Англија.
„Бевме на прошетка со брод до мнастирот Свети Наум на другата страна од езерото. Па така го видовме целото езеро, бевме и во Музејот Градиште“, велат странски гости.
„Дојдовме вчера од Скопје и заминуваме за два дена. Веќе истражувавме малку, шетавме со брод и да многу ни се допаѓа“, велат туристи.
Литванија е еден од новите пазари кои ги освои земјава оваа сезона. Еднаш неделно неколку автобуси литванци од соседна Албанија го посетуваат Охрид.
„Туристите од Литванија многу го сакаат Охрид. Секогаш заминуваме со убави впечатоци од Охрид. Голема шанса за нив е додека се на одмор во Албанија да ја посетат соседната земја и секако еден од најубавите и најважните градови во Северна Македонија“, вели Мартина Овсианикова туристички водич од Литванија
Охрид има капацитет од 40 000 легла за сместување гости, а охриѓани треба да бидат трпеливи во шпицот на сезона, вели градоначалникот Пецаков.
„Граѓаните треба да се свесни дека живееме во туристички центар, дека живееме од туризам. Да порано Охрид бил индустриски град со преку 20 000 вработени во индустрија меѓутоа денес сите добар дел од приходите, ако не и основните приходи ги добиваат токму од туризмот. Така што веќе се научија на трпение“, вели Кирил Пецаков градоначалник на Охрид.
На брегот на Охридското Езеро ова лето најбројни се туристите од Холандија, Полска, Англија, Србија, Турција, но и домашните гости. Претежно млади кои овој период доаѓаат за бројните забави, журки, концерти.
Новинар Соња Рилковска