Skip to main content

Трајан Божиновски дарувал крв 50 пати

Во Охрид сеуште има крводарители кои својата драгоцена течност ја дарувале повеќе од 50 пати. Денес по повод 17-ти Март, Денот на крводарителите и Ден на Црвениот крст на Република Македонија, охридската организација на сите кои оставиле белег во крводарителството во градов во изминативе години им додели посебни признанија.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓанецот Трајан Божиновски досега дарувал крв 50 пати. Тој станал крводарител уште во средношколските денови, па својата драгоцена течност ја дарувал и за време на отслужувањето на воениот рок во ЈНА, а сега е редовен крводарител во охридскиот Црвен крст. Вели дека преку овој чин најдобро се изразува хуманоста.

Оваа хумана акција од секогаш сум ја сакал, а и моите деца тргнаа по моите стапки. Додека можам и додека сум здрав ќе дарувам крв, а ова денешно признание ќе ми остане засекогш во сеќавање,
 вели Божиновски.


ОО на Црвен крст, денес во своите простории организираше свечен прием за крводарителите од Охрид, по повод 17 Март Денот на крводарителите и Ден на Црвениот крст на Република Македонија. Потребите од крв и крвни продукти на ниво на земјава се задоволени за 2016 год., а програмата е надмината, истакна претседателот на Црвениот Крст, Сашо Точков. На повеќе од 15 крводарителски акции собрани се 55 100 единици крв, односно 100 единици повеќе од планираното.


Бројот на крводарители кај нас е релативно константен. Годишно собираме од 1400 до 1600 единици крв. Охрабрва фактот што имаме голем број млади крводарители кои прв пат дарувале. Тој процент е околу 25 и најчесто тоа се средношколците кои се се поактивни на крводарителските акции, вели Точков.


На приемот беа поделени плакети за најдобрите крводарители. Плакети добија крводарителите кои дарувале 25 и повеќе пати крв, а признанија добија и медиумите кои ги подржуваат крводарителските акции како и општествено одговорни фирми кои придонеле за развој на крводарителството.