Skip to main content

Трајановски: Нема да дозволиме да се постави антената

Поставувањето на базни станици на мобилните оператори е тема за меѓусоседски расправи, преселби, грижи, но и за протести. Поради страв од зрачење, мештаните од охридската урбана заедница Горна Влашка маала синоќа излегоа на мирен протест, барајќи ВИП мобилниот оператор веднаш да ја тргне базната станица која деновиве ја поставуваат на приватен објект во нивната маала.

 |  Николоска Биљана  | 

Протест на влашкамаалци. Синоќа мештаните од Горна Влашка маала излегоа на улица повикувајќи го мобилниот оператор ВИП да ја тргне базната станица која ја поставуваат на приватен објект во близина на училиште и градинка каде дневно гравитираат над 1500 ученици. Петар Трајановски очекува дека овој проблем ќе се реши на еден мирен и цивилизиран начин. Без да има потреба од преземање на дополнителни и порадикални мерки.

Нема да дозволиме да се постави антената. Ние бараме отстранување на конструкцијата, а да не зборуваме за поставување на антена“ .

Јоне Станкоски жител на Влашка маала пак кажа дека веќе стапиле во контакт со правни лица и формирана била правена група со цел да покренат уште една иницијатива околу поставувањето на мобилните антени во урбана средина.

Во следните неколку денови таа правна група ќе изготви измени и дополнувања на законот. Затоа што поставувањето на базни станици во урбана места првиот проблем е лошата законска регулатива. Како Урбана заедница сметаме дека е потребно измена на законсдката регулатива и заеднички со останатите урбани заедници во општина Охрид ќе поднесеме иницијатива за измена на законската регулатива за поставување на базни станици во урбани населени места

Станкоски нагласи дека веќе наредната недела иницијативата ќе биде доставена до Советот на општина Охрид, до градоначалникот и до охридските пратеници во собранието на РМ. Тој категоричен дека ова не е проблем само на Влашка маала туку дека на удар се сите урбани заедници. На вчерашниот протест, влашкамаалци добија поддршка и од останатите урбани заедници. И нивниот револт беше голем точно поради стравување од зрачењето на таа антена и последиците по здравјето на човекот.
Инаку, мобилните антени ги има насекаде. Поставени се во природата, во населени места, во урбани средини. Ги има на покриви на згради, на семејни куќи, на цркви и манастири, па и на болници и градинки.