Третиот бран на пандемијата зема силен замав во Охрид
Се пополнуваат болнички кревети во скоро сите одделенија на Општа болница. Медицинските работници алармираат охриѓани сериозно да ја сфатат ситуација да ги почитуваат мерките, да се воздржуваат од посети на кафулиња, групирања и семејни собири и прослави.
Сто и тројца охриѓани ковид позитивни и суспектни се згрижени во Општа болница во моментов. Исполнети се болничките кревети на сите одделенија кои се пренаменети за лекување на ковид пациенти. Во модуларната болница има само седум слободни кревети, информира д-р Горан Балески, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид. Докторот Балески, напоменува дека се загрижени од состојбата во Охрид со третиот бран на пандемијата која зема силен замав и ги полни болнички кревети во скоро сите одделенија. Неколку болнички оддели работат со редуцирана програма. Има доволно медицински кадар кој се ротира за потребите во лекувањето на ковид пациентите, а се размислува и за резервен план за да се одржи во функција болницата.
„Не би требало да излезе од контрола состојбата имаме друг план. Ќе направиме иселување од нервното одделение кон другите одделенија и ќе добиеме дополнителни капацитети. Се надевам дека ќе почне да се стабилизира овој број и ќе почне да опаѓа. Имаме опција е да се исели целото нервно одделение каде што ќе се добијат 25 кревети и тоа е максималниот број на легла околу 130 до 140 каде што може да примиме пациенти за да може другиот дел од болницата да работи“.
Во моментов во модуларната болница се хоспитализирани 43ца пациенти, од кои 24ца се на кислородна поддршка со потешка клиничка слика, кажува Мирјана Спасова, главна медицинска сестра на инфективното одделение во модуларната болница. Медицинските работници една година се борат со пандемијата и алармираат охриѓани сериозно да ја сфатат ситуацијата. Препорачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките, да се воздржуваат од посети на кафулиња, групирања и семејни собири и прослави кои се причини за сегашната состоја со зголемен број на заболени.
„Непочитувањето, несериозноста од нашиот народ , за жал, сеуште некои луѓе немаат сфатено дека овде е страшно. Јас кажувам нека дојдат еден ден на инфективниот оддел, да ги внесеме да видат како изгледаат пациентите легнати во кревет.“
Лекарите прегледуваат по 50 ковид позитивни и суспектни пациенти амбулантно во текот на еден ден. Од почетокот на пандемијата до сега биле хоспитализирни 1100 ковид позитивни пациенти во охридската Општа болница.