Третото издание на Охрид ТрчаТ со рекорден број учесници
Манифестацијата која од година во година бележи раст и го подигнува нивото во организацијата го става Охрид на мапата на маратони и полумаратони во регионот и пошироко. Заложбите на организаторите и креативниот тим на Охрид ТрчаТ како и бројката на учесници покажуваат дека годинешното издание ќе биде своевиден спортски спектакл, беше истакнато на денешната прес конференција.
Охрид ТрчаТ оваа година руши рекорди. 1585 пријавени учесници од 20 земји, рекорден врој и луѓе ангажирани во организацијата, нов концепт и повисоки стандарди во организирање ваков тип на настани.
Јоне Станкоски, Претседател на Атлетскиот клуб Охрид трчаТсе заблагодари на Општина Охрид, на јавните претпријатија, приватните компании, државните инстуции и граѓаните за континуираната поддршка на манифестацијата која бележи раст и го става градот на мапата на маратони и полумаратони во регионот и пошироко. 
„Значи имаме 50% зголемување на учесници споредено со минатта година. Значи рушиме рекорд и во бројот на земји учеснички а исто така имаме и 52 тим билдинг екипи. Што ни дава за право да кажеме дека Охрид Трчат е сериозно етаблиран надвор од Македонија и она што е нашата цел, Охрид да прерасне во европски спортски град, можеме со гордост да кажеме дека се движиме кон таа цел.“ – истакна на денешната прес конференција Станкоски.
Заложбите на организаторите и креативниот тим на Охрид ТрчаТ кои беа препознаени и поддржани од општината и бројни компании како и бројката на учесници покажуваат дека третото издание на Охрид ТрчаТ ќе биде своевиден спортски спектакл, истакна Градоначалникот Константин Георгиески.
„Општина Охрид и јас како Градоначалник ќе бидеме секогаш подготвени за соработка и поддршка на вакви креативни идеи и настани кои што се надвор од шпицот на летната туристичка сезона и настани кои можат да придонесат во промоцијата на Охрид како туристичка дестинација . На сите учесници на Охрид Трчат им посакувам добри временски услови, лесна трка и добри резултати на финишот. “ – изјави градоначалникот Георгиески.

„Ohrid running weekend“, почнува вечерва со Ноќната трка. Во недела, 2ри јуни е главниот настан со трките на 5 и 10 км чиј старт е на плоштадот „Св Климент Охридски“ во 9 часот. Утре ќе се одржи експо со подигнувањето на стартните пакети од страна на учесниците и панел дискусијата.
„Новина во организирање на еспото и во еден ваков концепт е организацијата на техничкиот состанок и посебно организацијата на панел дискусијата која сакам да ја потенцирам со оглед на тоа дека во овој м омент во Охрид се присутни 5 директори на познати маратони и полумаратони на Балканот и сите ние ќе имаме чест да разговараме со нив. – кажа Иван Цветковски – Директор на трка.
Охрид трчаТ воведува нови стандарди во организацијата , посебно во техничкиот и делот на безбедноста. Вложуваме огромен напор организацијата на настанот да биде секоја година на едно повисоко ниво. Годинава имаме измени во обележување на трасата, затворање на улиците за сообраќај, ќе има поголемо присуство на сообраќајната полиција како и поголем број волонтери, објаснува техничкиот директор Антонио Додевски.
„Сакам да ги повикам граѓаните во тие два часа да се воздржат од движење со нивните автомобили во оној дел каде што ќе се одвива трката. Патеката верувам дека е добро позната на сите граѓани. Исто така да ги повикам жителите на стар град од 1ви јуни нивните возила викендов да ги дислоцираат од самата траса односно паркираните возила да ги преместат. Бидејќи колку имаме помалку возила трката ќе биде безбедна за тркачите , ќе има простор за публиката но тоа ќе биде и имиџот на Охрид, како ние ќе се претставиме пред гостите.“ – кажа Додевски.
За настанот да помине беспрекорно годинава се вклучени околу 300 луѓе , волонтери и од организацијата. За здравствената состојба на учесниците ќе се грижат 40 медицински лица и парамедици од Црвен Крст Охрид. Покровител на трката е Градоначалникот Константин Георгиески кој од организаторите го доби стартниот број 7 со кој на Охрид ТрчаТ ќе ја предводи тим билдинг екипата од Општина Охрид.