Три дена Beach film festival по втор пат во Охрид
На плажата Оревче и на бродот Галеб ќе бидат пaралелно прикажувани 7 долгометражни и 20 краткометражни филмови. Повеќето филмови ќе бидат за прв пат проектирани во земјава. Филмскиот фестивал ќе биде пропратен и со работилници за филмска критика, панел дискусии и концерти.
Од 18 до 21 јули во Охрид ќе се одржува Beach film festival. Љубителите на европскиот филм ќе можат да ги проследат проекциите на две локации на плажата Оревче и на бродот Галеб, информира Томе Станковски од организацијата на Beach film festival. Фестивалот има натпреварувачки карактер и ќе се доделува наградата „Голем бран“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм, подвлекува Станковски.
„ Покрај тие две награди има и новитет, најдобро актерско остварување. Наградата ќе го носи името на неодамна починатиот професор Стефан Сидоски Сидо. Како голем вљубеник во филмската уметност, актер аматер ќе го испочитуваме со оваа награда“, информира Станковски.
На фестивалското случување ќе бидат прикажани 7 долгометражни и 20 краткометражни филмови. Повеќето од нив ќе бидат за прв пат проектирани во земјава.
Филмскиот фестивал ќе биде пропратен и со концерти, работилници за филмска критика и панел дискусии. „Жената е жена“ е една од панел дискусиите. Хрватската актерка Јудита Франковиќ Брдар е член на жирито кое ќе избира најдобар долгометражен филм. Таа во едно проговори и за застапеноста на жените во филмските улоги.
„ На полето на актерството се борев да играм различни женски ликови. Во последно време имав среќа да ги добијам. Но , има многу статистички показатели од направени истражувања во Хрватска колку има помалку женски улоги застапени во филмовите и таа статистика е поразителна “, споделува Франковиќ Брдар за состојбите во филмската индустрија при поделбата на улогите.
На второто издание на Beach film festival ќе бидат прикажни, долгометражни филмови од европска продукација меѓу кои Ангелско лице, Гулаб, Ние, Луз, Алекси. Специјална проекција ќе има на македонскиот филм Господ постои, името и е Петрунија. Во жири комисијата за избор на најдобар долгометражен филм се актерите Никола Ристаноски, Јудита Франковиќ Брдар и Џон Крејн.