Три независни советнички листи собраа потписи за локалните избори
Исполнета е и законската процедура за собирање потписи за Сенад Усеиноски како независен кандидат за градончалник. Во тек се собирање потписи за независната листа за советници предводена од Стевче Стевоски.
Три независни советнички листи доставени до Општинската изборна комисија Охрид ги собраа потребните потписи од граѓаните за претстојните локални избори. Покрај листите на кандидати за членови на советот е доставена и една листа на независен кандидат за градоначалник, информира Марга Димковска, раководител на охридското одделение на Државната изборна комисија. Собраните потписи за трите советнички листи се од „Охрид пред се“ и „Охрид има План Б“. Исполнета е и законската процедура за независниот кандидат за градоначалник Сенат Усеиноски, кој е исто така е од Независната листа на Египќаните. За изборот на луѓето на листите за советници и за очекувањата од претстојната политичка кампања побаравме одговор од носителите на независните листи.
Носител на независната листа „Охрид пред се“ е Димитар Велјаноски. Тој за ТВМ кажува дека на незвисната листа се млади луѓе кои нема да се подложни на влијание на политичките центри туку во советот ќе одлучуваат по сопствено убедување.
Нашата основна борба е да ги оневозможиме политичките партии да остварат мнозинство во Советот бидејќи членовите на политичките партии, сите го знаеме тоа, не гласаат по сопствено убедување, гласаат по налог на политичките моќници од сенка. Сметаме дека еден од основните проблеми за тоа што имаме нефункционален совет и генерално општество во целина е што личностите во законодавните тела негласаат по сопствено убедување и не се репрезенти на оние што ги гласале – истакна Велјаноски.
Независната листа од Египќаните за советници ја предводи Арбен Демироски- Бено. Тој за ТВМ изјави дека Египќаните стануваат неодминлив дел од политичкиот живот во Охрид. Среќен е што од ден на ден добиваат се поголема поддршка за нивните заложби за поубав Охрид.
Очекуваме на овие локални избори од нашата листа во Советот на Град Охрид да влезат барем двајца советници, кои ќе се залагаат не само за интересите на нашата етничка заедница, туку и за интересите на сите граѓани. Сите ние кои живееме тука имаме исти потреби, не мачат исти маки. За кандидатот за градоначалник не очекуваме дека можеме да се наметнеме на политичката сцена, но со овој потег покажуваме дека имаме амбиции и сме достојни за секоја политичка функција во државата – вели Демироски.
Антонио Наумоски е носител на независната листа „Охрид има План Б“, кој до затворање на дневникот не одговори на нашите прашања. Пред ДИК сеуште во тек е собирање потписи за независната листа за советници предводена од Стевче Стевоски. Законскиот рок за собирање потписи е до 30 август.