Тринаесет лица обучени за лични асистенти на лица со попреченост
Црвен крст Охрид во рамки на програмата „Лична асистенција на лица со попречесност“ успешно ја спроведе и втората обука за лични асистенти на лица со попреченост.
„Обуката која се спроведуваше во претходните три месеци успешно ја завршија 13 кандидати. Кандидатите кои успешно го положија финалниот испит се стекнаа со основните познавања за видовите на попреченост, видови помагала и нивна примена, помош на работно место, образовен процес и помош во заедницата на лица со попречесност, како и помош на корисникот во домот и начинот на комуникација со лицата со попреченост. “ – инофрмираат од Црвен крст Охрид.
Сертифицираните лични асистенти ќе бидат дел од НЕГА ЦЕНТАР при Црвен крст Охрид, кој како провајдер на социјални услуги ја нуди услугата лична асистенција на лица со попреченост на територија на Општина Охрид.
Услугата за лична асистенција има за цел да придонесе кон независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Исто така, оваа социјална услуга им овозможува на лицата со попреченост слобода на избор и независно водење на личниот живот со цел да ја компензираат својата попреченост делегирајќи ги своите задачи на други лица, велат од Црвен крст Охрид.
Kорисници на оваа социјална услуга се: лица со потешка и најтешка телесна попреченост и лица со целосно оштетен вид на возраст од 6 години и возрасни лица. Услугaта на локално ниво се реализира во соработка и со поддршка од Министерството за труд и социјална политика на Р.С.М. и ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Охрид.