Тројца учесници во сообраќајот настрадале на некој од кружните текови во Охрид
Двајца пешаци и еден велосипедист биле тешко повредени во првите два месеци од годинава. Според статистиката на СВР Охрид се намалува бројот на несреќи во сообраќајот по воведување на кружните крстосници на Булевар Туристичка од пред 5 години.
Се подобрува сообраќајната безбедност и се зголемува протокот на возила на Булевар Туристичка по воведувањето на кружните крстосници, информира Стефан Димоски портпарол на СВР. Додава дека се бележи континуиран пад на бројот на случени сообраќајни несреќи меѓу моторните возила и другите учеснци во сообраќајот во близина на кружните раскрсници. Во првите два месеца од оваа година, во и околу раскрсниците со кружен тек на сообраќајот, на Туристичка, евидентирани биле три сообраќајни несреќи во кои двајца пешаци и еден велосипедист се здобиле со тешки телесни повреди.
„Најчести причини за сообраќајни незгоди во кружна крстосница се недавање првенство на минување на пешак, неправилно преминување на коловозот од страна на пешаците што е најкарактеристично околу кружните крстосници на „Туристичка“, не држење растојание помеѓу возилата во кружен тек, неправилно влегување, престројување, движење и излегување од кружниот тек“.
Портпаролот на СВР Охрид апелира сите учесници во сообраќајот, возачите на моторни возила, пешаците и велосипедистите да бидат внимателни и да ги следат сообраќајните правила. Возачите да возат со прилагодена брзина, пешаците да не преминуваат на коловоз со прескокнување на заштитниот ѕид и на необележани премини, а препорака има и до велосипедистите.
„Велосипедистите да ги користат исклучиво велосипедските патеки кои во градот се градени според меѓунардните стандарди. Во тек на движење во кружен тек каде што нема обележано велосипедска патека да се придржуваат до крајната лената на 1,5 метар од надворешната страна на кружниот тек кон внатрешноста то а е меѓународен стандард .“
Димоски посочува дека сообраќајната полиција не само што делува репресивно при прекршоците туку делува и едукативно со цел зголемување на знаењето на возачите и другите учесници во сообраќајот за правилно, прописно и безбедно движење на кружен тек. Ние ги едуцираме возачите преку кампањата „Како возиме на кружен“ заедно со општинскиот совет за безбедност во сообраќајот. Изготвивме видео анимација со која, на учесниците во сообраќајот ги потсетувавме на се она што треба да го знаат, односно дека сообраќајот се одвива кружно, во спротивна насока на стрелките на часовникот и на овие крстосници возачите посебно треба да внимаваат на намалување на брзината и нејзино приспособување за безбеден пристап и правилно престројување.