Тротоарот на дел од улицата Коста Абраш повторно узурпиран од столици и маси
Тротоарот на дел од улицата Коста Абраш повторно узурпиран од столици и маси од околните угостителски објекти. Пешаците се жалат бидејќи им е узурпиран просторот за безбедно движење. Од локланата молк.
Maси и столици на тротоарите, а пешаците на коловозот. Со првите сончеви зраци се врати и старата слика на улицата “Коста Абраш“, пред рестораните „Александрија“ и „Чун“. На ова место има и огромна фрекфенција на пешаци кои се приморани да се движат по коловозот затоа што тротоарите се пренаменети во тераси на угостителските објекти. Твм во повеќе наврати на барање на граѓаните пишуваше за овој проблем. Но, Локалната не презеде никакви мерки за негово решавање.
Твм побара информација дали угостителските објекти на овој дел од улицата Коста Абраш имаат дозвола за поставување урбана опрема надвор од летната сезона. И доколку нема дозвола дали инспекцијата изрекува казни. Но од локалната не сакаат да заборуваат на оваа тема. Инаку, столици и маси на тротоарите на овој потег од улицата беше дозволено да се поставуваат само во летниот период и тоа после 20 часот бидејќи според одлука на Совет од 05 до 20 часот таа беше сообраќајница. Од локалната тогаш тврдеа дека опремата е поставена согласно програмата што се носи за поставување урбана опрема, а која претходно била одобрена од стручна комисија од секторот за урбанизам, а изгласана од Советот на општината. Но, на граѓаните не им беше јасно како воопшто беше донесена ваква нелогична одлука без притоа да се размислува за безбедноста на пешаците и се сомневаа во нејзината веродостојност.
Но во истата таа одлука во член 2 стои дека:
При организација на површините за поставување урбана опрема особено да се внимава да не се наруши основната намена во просторот и безбедноста во сообраќајот (да не се поставува опрема што ќе претставува бариера при движење на пешаците-дополнителни маси, корита за цвеќа, рекламни паноа и слично). Но, овој член како што може да се види на терен не е испочитуван.
Се поставуваше и прашањето каде е стручното мислење на сообраќајната полиција при донесување на вакви решенија од страна на локалните власти, а кои се однесуваат на безбедноста во сообраќајот. Од СВР Охрид немаа одговор на ова прашање. Граѓаните сугерираат да се отстранат столиците и масите од тротоарите и добро да се размисли пред да се донесат било какви одлуки за летово кое е пред нас.