Трудовите инспектори констатирале прекршување на законски прописи
До Државниот трудов инспекторат најчесто пријавите пристигнувале од анонимни пријавувачи. Направиле над петстотина инспекциски надзори во првите 6 месеци од годинава.
Трудовите инспектори од областа на работни односи и Безбедност по здравје при работа во Охрид направиле 543 контроли во првите 6 месеци од оваа година, стои во извештајот на Државниот трудов инспекторат. Констатирале 160 разни неправилности во 16те редовни и 416 вонредни надзори. Истотака, направиле и 111 контролни надзори. Најголем број на констатираните непочитувања на законските и подзаконските прописи биле во трговијата на големо и мало, градежната дејност, угостителството, занаетчиството и туризмот, транспорт и сообрајќај, преработувачката индустрија и заштитните друштва.
Инспекторите за труд направиле вкупно 1.666 инспекциски надзори во општините во Југозападниот регион. Притоа констатирале 402 неправилности во општините Вевчани, Дебар, Дебарце, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа.
До инспекторатот за труд, од сите 8 региони од земјава, во периодот јануари – јуни оваа година пристигнале вкупно 618 пријави по различни основи. Од нив 477 биле од анонимен и 141 од познат подносител. Најмногу пријави имало во месец јануари. Државниот инспектoрат за труд во периодот јануари –јуни 2021 реализирал 54% повеќе надзори од планираните. Тоа се должи на зголемениот број на вонредните надзори направени во врска со пандемијата од Ковид 19 и од вонредните надзори во врска со поднесените преставки по разни основи од областа на работни односи и во областa на Безбедност по здравје при работа.