Труењето на бездомните кучиња, опасно и за човекот и целата околина
Здружението за заштита, помош и вдомување на животни „Анималиа“ алармира за континуирано труење на бездомни кучиња кое според нив е особено забележливо во Пештани. Додаваат дека ваквиот чин е строго забранет и казнив според кривичниот закон.
Труењето на бездомните кучиња опасно за човекот и околината исто колку што е опасно и за самите кучиња. Од здружението за заштита, помош и вдомување на животни, „Анималиа“ алармираат дека пестицидите кои најчесто се користат за ова нехумано постапување со кучињата, а кои многу лесно и сосема легално можат да се набават во земјоделските аптеки се исклучително опасни и за човекот, и за околината. Труењето на бездомните животни и на миленичињата и опасноста од расфрлање отрови на јавни површини се сериозни проблеми со кои граѓаните многу често се среќаваат.
„Огромна опасност постои не само за животните, туку што би се случило евентуално ако детенце или било кој човек едноставно дојде во контакт со отровната материја, последиците би биле фатални. Треба да дојдеме на тоа дереџе да бидеме сведоци на таква ситуација за да некој конечно преземе нешто во државава да се спречи овој нехуман начин и противзаконски ќе се повторам, и нешто што и со кривичниот законик е забрането?“-вели Климент Арнаудов, претседател на Здружението за заштита, помош и вдомување на животни „Анималиа“ од Охрид.
Според Арнаудов, токму лесната достапност до овие хемиски препарати ги прави истите особено опасни.
„Едно од решенијата е и тоа, да се контролира продажбата и слободниот оптек на тие хемиски препарати, пестициди кои што најчесто се употребуваат, се подметнуваат во храната на животните. Конкретно она што алармира во овој период е што во Пештани постои слободно ќе кажам монструм кој што ги извршува тие злодела. Многу случаи има таму на отруени кученца, во градов исто така има случаи меѓутоа тие не се така континуирани како во Пештани.“-рече Арнаудов.
Од Анималиа воедно сметаат дека континуираното труење на кучиња не само што треба да се решава според законите во државава, туку и дека треба да биде предмет на разгледување и на психолозите, бидејќи самиот чин, говори многу за оној кој го извршува. Инаку во новата законска регулатива која се однесува на заштита на животните, а донесена во 2014та година, во прекршочните одредби на законот стојат казни од 3000 евра за физичко и 6000 евра за правно лице доколку постапува нехумано со бездомните животни, односно ги труе и убива.
{loadposition content9}