Skip to main content

УНЕСКО да им даде рок до 2031год за спас на Охридскиот Регион на Македонија и Албанија, бара Турција со амандман на нацрт одлуката на Комитетот

Во завршниот дел од амандманот Турција предлага Македонија и Албанија најдоцна до 1 февруари 2031 година да достават нов, ажуриран извештај за состојбата на зачуваност на доброто и за реализацијата на преземените мерки.
 |  инфодеск  | 

Делегацијата на Турција на 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Бусан, Јужна Кореа, поднесе амандман на нацрт-одлуката со која се предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.


Наместо предложената одлука за впишување на регионот на Листата во опасност, Турција предлага Комитетот да ги поздрави „писмените обврски преземени на највисоко ниво од страна на Северна Македонија“, да ја констатира „заложбата на двете држави да ги отстранат факторите што влијаат врз доброто“ и да одлучи Охридскиот Регион „во оваа фаза да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност“.


Со амандманот се предлага и измена на роковите за исполнување на обврските. Наместо предлогот двете држави, во консултација со Центарот за светско наследство и советодавните тела, да изработат состојба на зачуваност и заеднички корективни мерки кои ќе бидат разгледани на 49. сесија на Комитетот во 2027 година, Турција предлага:

„Од двете држави, во тесна соработка со Центарот за светско наследство и советодавните тела, се бара најдоцна до 1 февруари 2029 година да достават заеднички извештај за спроведените корективни мерки за прекуграничното добро, врз основа на препораките од реактивните мониторинг-мисии од 2020 и 2024 година, со цел да се оцени нивната ефикасност. Дополнително, се бара државите да поканат заедничка реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО, IUCN и ICOMOS во 2029 година, која ќе го оцени напредокот и вкупната состојба на зачуваност на доброто.“


Во завршниот дел од амандманот Турција предлага Македонија и Албанија најдоцна до 1 февруари 2031 година да достават нов, ажуриран извештај за состојбата на зачуваност на доброто и за реализацијата на преземените мерки, вклучително и наодите од реактивната мониторинг мисија во 2029 година. Извештајот би бил разгледан на 53. сесија на Комитетот за светско наследство.


Со амандманот Турција практично бара Комитетот уште еднаш да им даде шанса на двете држави, но овој пат тие би добиле дополнителен период од околу пет години за спроведување на препораките на УНЕСКО.

УНЕСКО ќе одлучува за Охридскиот регион, Владата бара дополнителни 6 години за исполнување на препораките | Портал ТВМ

Дополнителната година неискористена, УНЕСКО повторно предлага Охридскиот Регион да се најде на Листата светско наследство во опасност | Портал ТВМ