Туристите ќе го запознаваат Охрид преку андроид апликација
Апликацијата MK Guide е целосно бесплатна за корисниците и е достапна на веб страната Google Play.
Престојот на туристите во Охрид штотуку стана далеку полесен. Тие до најпознатите и најпосетуваните културно-историски споменици во градов ќе можат лесно да стигнуваат благодарение на андроид апликацијата за паметни телефони наречена МK Guide. Оваа апликација може да се симне од веб страната на Гугл Плеј и е целосно бесплатна.
MK Guide е дело на програмерите од Факултетот за информатички науки и компјутерски инженеринг од Скопје во соработка со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и локалната самоуправа од нашиот град.
„Апликацијата откако корисникот ќе ја симне и инсталира на својот мобилен телефон со андроид оперативен систем, може да се движи низ Охрид и станува збор за апликација со збогатена реалност, односно кога корисникот се движи низ Охрид, покрај реалната слика од објектите што ја добива низ камерата на телефонот, околу самиот објект добива и дополнителни информации за тој објект кој што во моментот е во кадарот на мобилниот телефон.“-вели доцент д-р Иван Чорбев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје.
Оваа апликација ви дава и упатство како да се движите низ градот, како да стигнете до некој културно-историски споменик, но и колкаво е растојанието до него.
За изработката на податоците пак за самиот културно историски објект се погрижија од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
„Се она што е досега внесено е оригинално, изворно за оваа апликација, не беа преземани текстови од други места и копирани, туку заради специфичноста на апликацијата, тие беа специјално креирани за оваа апликација. Она што можам да кажам е дека тоа е извонредна алатка за еден турист, посебно за оној пазар на туристи, индивидуални туристи кои што со сигурност дека ќе ја зголемат побарувачката за сите други содржини кои понатака ќе бидат. Едноставно вие сте на дофат на информацијата која понекогаш толку ви треба, а не знаете каде да ја најдете.“-рече Проф.д-р Сашо Коруновски-Декан на ФТУ.
Подршка во изработката на апликацијата, двата факултети добија и од локалната самоуправа од Охрид кои во оваа апликација гледаат можност за подобра промоција на градот пред туристите.
„Јас верувам дека на овој начин со давањето на подршка од наша страна кон двете институции, само ја покажува нашата отвореност за соработка со ваков тип на институции и она се што може да биде во доменот на иновативни идеи за промоција на Охрид. Ние во секој случај и на секој можен начин ќе го подржуваме како локална самоуправа. Мислам дека преку вакви чекори, не само ние како локална самоуправа, туку и граѓаните на Охрид, ќе имаат можност уште повеќе да навлезат во процесот на промовирање на туристичките производи и услуги на еден иновативен начин.“-изјави раководителот на Секторот за ТЛЕР, Ѓоко Апостолоски.
Инаку андроид апликацијата MK Guide е достапна и во македонска и во англиска верзија, а за во иднина, двата факултети како и локалната самоуправа најавија збогатување на содржините и информациите кои ќе ги нуди оваа апликација, во смисла на додавање на податоци за ноќниот живот во Охрид, културните манифестации, претстави и слично. Воедно, апликацијата нуди информации и без телефонот да биде приклучен на интернет, односно има и офлајн начин на работа со галерија од слики и текстови на сите знаменитости на Охрид. Досега, на оваа апликација се вметнати 20 културно-историски локалитети.
{loadposition content9}