Туристичката понуда во Охрид збогатена со првата бутик винарија Мал Св.Климент
Туристичката понуда во Охрид збогатена со првата бутик винарија Мал Св.Климент.
Во првата охридска бутик винарија Мал Св.Климент љубителите на добрата капка може да дегустираат и купат високо квалитетно домашно вино. Виното е од првата регистрирана берба на грозје 2016. Произведени се неколку сорти вина од грозје од охридскиот реон. Покрај виното, во винаријата се нуди и храна. Дел од тимот е врвниот шеф од светска класа Синиша Салатиќ кој приготвува извонредни специјалитети. Се приготвуваат тестенини, салати, брускети со свежи зачини, вели охридскиот стопанственик Будимир Соколовиќ регистриран винопроизводител.
„Посебно ми е драго што ќе се зголеми туристичката понуда во градот. Деновиве има групи и други кои слушнале и дошле да дегустираат. Пресреќен сум што нашата понуда наиде на огромно задоволство и изнедување од квалитетот од спарувањето на храната и виното. Посетителите се воодушевени. Ова е бутик винарија со ограничено прозиводство и сите вина ќе се дегустираат и продаваат во винаријата“, напоменува Соколовиќ.
На винската листа има понуда од 5 сорти црвени, бели и розе вина. Во понудата ги има ракацители, едно од најстарите живи сорти во светот, памитот произведен по најстарата метода од античко време во амфора, охридското црно, вранецот, како и вранец зреен во специјални буриња. Интересна е понудата на памитот произведен по најстарата метода во глинени амфори вкопани во земја кои се наоѓаат во дел од винаријата Мал Св.Климент, кажува Соколовиќ. Додава дека тоа вино го нарекол и временска машина.
„Вкусот и мирисот на виното е тој што бил пред 2000 години. Во сите антички градови се пронајдени винарии со амфори, питоси, вкопани во земја. Тоа е атракција за гостите и кога ќе ги видат амфорите и кога ќе пијат вино ќе се вратат 2000 години наназад“, раскажува Соколовиќ.
Будимир Соколовиќ, сопственикот на винаријата и вила Мал Св. Климент, од 2016 година е регистриран винопроизводител до 30.000 литри вино согласно Законот за вино. Сите вина кои се во неговата винарија се одобрени за пуштање во продажба со серификати и анализи од надлежните институции и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.