Туристичките агенции се задоволни од четвртиот сет економски мерки
Тие се спас од банкрот за постабилните туристички агенции. Агенциите беа силно погодени од корона кризата и се најдоа на работ на економски опстанок со пад во прометот и до 95 проценти во изминатиов период.
Туристичките агенции задоволни од донесените владини економски мерки. Со нив, сметаат дека од банкрот ќе се спасат постабилните туристички агенции кои беа најпогодени од корона пандемијата. Иако помошта доаѓа малку подоцна секако е добредојдена, вели Јаким Маленко од ТА „Вис Пој“. Маленко кажува дека голем товар во работењето им било тоа што биле оставени сами на себе да се снаоѓаат за плати и режиски трошоци во месеците јули, август и септември .
„Туристичките агенции останаа на работ на егзистенција затоа што освен неколку поголеми тур оператори од државата кои подигна неколку чартери за надвор од Македонија другите агенциите останаа со мал промет и некаде со пад од 95 проценти на прометот. Тоа е недохнадливо и го доведе во прашање нашето постоење. Ние со искористување на почетните сет мерки и овие сега што ќе ги користиме мислам дека тие што се постабилни и посигурни ќе успеат да ги зачуваат вработените и ќе опстанат во бизнисот“.
Туристичките агенции како најпогодени во туристичкиот сектор побараа повеќе мерки како економска помош од владата за опстанок пред три месеци. Сега, голем дел од нашите барања на еснафот се прифатени, вели Маленко.
„Секако тоа не може да ги надохнади нашите загуби кои ги имавме во изминатиов период и кои ќе ги имаме и понатака. Но, тоа е допринос и помош со која ние ќе ги задржиме вработените, да опстојат нашите бизниси и да допринесуваме во општеството со плаќање на обврски и даноци за она што ќе го оствариме. Нашата агенција и другите кои зависат од рецептивниот туризам, ин камингот оваа година беше катастрофална за работењето и тоа не може да се надополни“.
Барањата за економска помош кои ги упатиле до владата претходно биле многу повеќе, но сега се задоволни од донесените мерки. Во следните три месеци ќе добиваат исплата на минимална плата од 14.500 денари, бруто плата во зависност од категоризацијата на Туристичките агенции, од обртот од изминатата година и падот на прометот. Агенциите ќе добиваат и грантови од 3000 до 7000 евра неповратни средства во зависност од бројот на вработените, од видот на лиценца, а ќе има и одложување на кредити преку Развојна банка и ослободување од даноци.