Туристичките работници апелираат повторно да се обнови уништениот Мост на желбите
Туристичките работници апелираат повторно да се обнови уништениот Мост на желбите. Приодот кон плажите, кафулињата и црквата Св. Јован Канео за туристите беше многу полесен по мостот, а исто така и за жителите од Канео. Од локалната самоуправа во моментов немаат конкретен одговор дали ќе го поправат мостот кој е дивоградба, ќе ја следат ситуацијата и ќе донесат решение врз основа на законот.
Туристичките работници очекуваат повторно ставање во функција на мостот на желбите. Мостот кој настрада во саботата при силниот ветар и брановите и пред невремето на одредени делови беше оштетен. Туристичките водичи меѓу кои и Горан Пинза од Битола апелираат што побрзо мостот да се обнови. Тој појаснува дека најчесто турите со гости ги почнуваат од Горан Порта кон Св Јован Канео па се спуштаат по мостот кон Света Софија.
„ Гостите ги гледаат двете плажи Канео и Потпеш и стигнуваме брзо до Света Софија. Од приватен аспект кога доаѓам во Охрид тие плажи ми се омилени. Од центарот за 5 минути сум тука“, појаснува Пинза.
Мостот на желбите се покажа како успешен проект на задоволство од жителите кои живеат во населбата Канео и за туристите, вели Митко Пендов познат охридски угостител и еден од концесионерите на плажата Потпеш.
„ Јас се надевам, за брзо време, за сите, жителите од Канео, и ние како концесионери на плажите и другите угостителски објекти ќе биде ставен во функција. Најважна е потребата во Охрид од тој мост за сите. Се надеваме дека за брзо време ќе се санира и ќе се направи поздраво. За брзо време во интерес на сите брзо ќе е завршено“ вели Пендов.
Мостот на желбите беше изграден со средства од Фондацијата Рамковски во 2004 година како подарок за градот, а втор пат претрпува разрушување под налет на силен јужен ветар. Мостот е поставен без урбанистичка документација па од Локалната самоуправа немат конкретен одговор што ќе се случува со него, вели општинскиот портпарол Томе Џамтоски.
„Локалната самоуправа во овој момент не може да каже ниту дека ќе го прави или не. Не можеме паушално да излезме во пресрет на граѓаните или паушално да донесеме решение во однос на мостот. Факт е дека тука според урбанистичкото решение нема мост. Во овој момент јавноста треба да знае дека и да сакаме нешто да преземеме мостот е во старото градско јадро кое е под ингеренции на Законот за старо градско јадро и министерството за транспорт и врска. Би било избрзано ние да понудиме решение. Ја следиме ситуацијата со законски основ и издржано решение кое ќе ги помине сите инастанци на институиците ќе се донесе соодветно решение“, вели Џамтоски.
Најавуваната патека од минатата локална власт, за поврзување на крајбрежјето од пристаниште до Лабино, исто така остана на ниво на иницијатива бидејќи ја нема во програма или во урбанистичкиот план, напоменува Томе Џамтоски.