Туристичката сезона засега под очекувањата

Охрид го живее шпицот на туристичката сезона. Улиците, плажите и угостителските објекти се исполнети со домашни и странски гости, особено за време на викендите, а најголемата раздвиженост традиционално се очекува во деновите пред и по Илинден.
Туристичките работници велат сезоната засега не ги исполнува очекувањата. . Гости има, но нивната куповна моќ е послаба. За да се надминат резултатите од претходните години, , потребни се нови пазари.

„Мислам дека пазарот се заситува од една одредена дестинација. Треба да се прават истражувања и да се промовираат Македонија и Охрид и на други пазари, кои се, условно кажано, „свежи” и ќе донесат нова енергија. Секако, треба да се инвестира и во промоција на земјите од кои туристите доаѓаат тука повеќе години. Но, секоја година треба да се нудат нови програми, нови понуди, за дестинацијата да остане атрактивна.”. – вели Асим Челик, туристички работник.
И покрај ваквите оценки од туристичкиот сектор, податоците од охридскиот аеродром покажуваат значителен раст. Во првите шест месеци годинава регистрирани се 122.638 патници, што е 18,2 проценти повеќе од истиот период лани.

„Јули, со почетокот на фестивалот „Охридско лето”, традиционално носи и зголемен број туристи. Дополнително, она што министерот неуморно го прави за Охридскиот аеродром, како и Владата заедно со тур-операторите, кои носат туристи и во текот на целата година, а не само во туристичката сезона, претставува сериозно, статистички видливо зголемување на бројот на туристи.”– изјави градоначалникот.
Август традиционално е месецот кога Охрид бележи најголем туристички промет. Туристичкиот сектор се надева дека токму главниот дел од сезоната ќе ги исполни очекувањата.
Новинар Соња Рилковска
Фото : Ѓоко Симјаноски







