Skip to main content

Туристички работници од Охрид се сретнаа со Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии во техничката Влада

Непостоењето на Стратегија за искористување на туристичкиот потенцијал со иницијативи и цели за развој на туризмот и лошата патна инфраструктура до охридско струшката ривиеара негативно се одразува врз туристичката дејност. Ова е заклучокот од денешната средба на Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии во техничката Влада со претставници на туристичкиот сектор од Охрид.  Станало збор и за можноста за формирање Министерство за туризам како подобро би се решавале напластените проблеми во оваа дејност.
 |  Маја Савиќ  | 

Проблемите со кои се соочува туристичкиот сектор во охридско-струшкиот регион, тема на средбата на  Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии во техничката Влада  од редовите на ВМРО ДПМНЕ  со туристички работници, хотелиери и претставници од туристичките агенции од Охрид, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и претседателот на Совет на Општина Охрид, Сашо Донев 

Акцент ставивме на многу проблеми за кои со години зборуваме и бараме решенија, за недостаток на работна сила, поттикнување на малдите да влезат во туристичкиот сектор, мотивација на учениците за стручно образование, немањето генерален и детални урбанистички планови усогласени со УНЕСКО, кажа претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски. 

Проблемот со работна сила во туризмот од година во година станува се покритичен, но на прагот на новата сезона, хотелиерите велат дека влегуваат посмирено од лани.

„Но може да кажеме дека оваа година не сме со истиот страв како минатата бидејќи имаме некаков прилив на работна сила од надвор, не зборуваме за менаџерски тимови, туку за помошни работници во кујна, собарици, хигиеничарки, а понатаму ќе видиме. Носењето работна сила од надвор не е минус за државата, туку напротив е плус, со што ќе опслужиме повеќе гости а со тоа ќе имаме поголем прилив на девизи што значи повеќе данок влегува во касата на државата.“ – вели Блажевски.

Претставниците на туристички агенции ги истакнале проблемите со кои се соочуваат во тековното работење, а кои произлегуваат од новиот Правилник за финансиско работење како и за сивата економија.

„Многу често се соочуваме со проблемот на нелојална конкуренција во поглед на сместувачки капацитети за непријавување на гости, за непријавување туристичка такса, избегнување на користење туристички агенции при доаѓање на гости во Македонија. Сето тоа сублимирано би рекол дека дојдовме до еден општ заклучок дека најдоброто решение би било во иднина, доколку има можност да се размисли за Министерство за туризам.“ – изјави Јаким Маленко од Т.А ВИС ПОЈ.

Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии во техничката Влада,  по средбата посочи дека една од главните пречки за искористувањето на можностите и потенцијалот на Охрид е непостоење на соодветна транспортна мрежа, пред се незавршената делница Кичево – Охрид, како и Охрид – Св Наму, и делницата од Ќафасан до охридско струшкиот регион.

„Од она што го зборувавме на средбата жалосно  е согледувањето и  заклучокот дека нашата земја односно оваа влада не обезбеди Стратегија за искористување на потенцијалот на туризмот, една стратегија со  иницијативи и цели за развој на туристичката дејност преку зголемување на капацитетите на фирмите во оваа дејност, воспоставување на соодветни стандарди за квалитет во делот за сместувањето, пристапот, преку промовирањето на државата.“ – кажа Петрова.

Притоа Петрова во врска со капиталните инвестиции во изминатите неколку години,  посочи дека повеќе од половина од започнати проекти се реализираат со забавена динамика или се во целосен застој затоа што средства од  кредитни линии и грантови не се потрошени за намените за кои биле обезбедени и се плаќаат и казнени пеналии за неповлечени средства.