Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денес го означи почетокот на Турнирот со огнено оружје „Гранд При Лихнидос 2025“.

-Меѓународниот турнир во стрелање со огнено оружје е симбол на нашата посветеност кон развојот, промоцијата и унапредувањето на стрелачкиот спорт во Охрид. Нашиот град има богата традиција и се гордее со истакнати стрелци кои постигнале забележителни резултати, како на национално, така и на меѓународно ниво. Особено не радува фактот што се појавуваат нови, млади генерации на стрелци, кои се талентирани и амбициозни и од кои очекуваме големи спортски успеси и нови рекорди. Упатувам благодарност до организаторите на турнирот кои со својата посветеност и оваа година овозможија високо ниво на организација, изјави градоначалникот во своето обраќање.

Тој додаде и дека сме горди што можеме да бидеме дел од оваа спортска традиција и што имаме можност да го споделиме прекрасниот Охрид и нашето културно, историско и природно богатство со сите учесници и им посака голем успех на сите натпреварувачи, а на гостите пријатен престој во Охрид.
Организатор на меѓународниот турнир е охридскиот стрелачки клуб „Лихнидос“, а натпреварите се одржуваат во стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид.