ТВМ со Македонците во село Шулин, Албанија на прославата на Ѓурѓовден
Во Мала Преспа во Република Албанија, во девет села организирани во Општината Пустец, живее православно македонско население. За Ѓурѓовден во Мала Преспа, се организираат големи прослави со многу обичаи поврзани за овој празник. Екипа на ТВМ беше меѓу македонците во селото Шулин или Безмиште каде култот на светецот Св. Георги Победоносец е силен и се слави со голема радост и почит.

На околу 200 км од Тирана и само на неколку минути одалеченост од Пустец, Шулин е едно речиси напуштено селце каде емиграцијата оставила околу 500 жители. Но, за празникот младите кои заминале во поголемите градови и надвор од земјата се враќаат на родното огниште. Во селската црква „Св Ѓорѓија“ на света литургија, присуствуваа голем број верници од селото и од околните населени места.


„Св. Ѓорѓија се слави во село Шулин, во Глобочани, Туминец, се слави и во Долна Горица. Така ова не е само селска слава туку е слава на цела Преспа. Оваа црква е изградена во 1920 година. Во 60-тите години црквите се рушеа, но да му благодариме на Господ што оваа црква остана и од 1967 до 1990 год била како магацин и културен дом. Потоа селаните со помош на битолската митрополија ја обновија. “ – вели Отец Ропи Арѓири.
Шулинчани ја обновија и традицијата на кумство за празникот Св. Ѓорѓија летен. Кумот приредува веселба со музика и богат празничен ручек за сите присутни. Прославата ја зближува заедницата во Мала Преспа со традиционална храна и македонски песни.


„ Си размислувавме со фамилијата, со семејството за кумство и си дојдовме. Не е нешто тешко. Многу е лесно. Сега да дава Господ и други кумови. Старите наши така си ја тераа традицијата.“ – вели кумот Фреди Печој.

„ За денешниов ден, Ѓурѓовден, за многу години, да ни е напомош на цел свет каде има Македонци, денеска јадиме мрсно, се колат, се печат јагниња и јариња, се што е најбогато.“ – кажа Василка Печој.

Ѓурѓовден е празник кој го обединува селото Шулин и ја одржува врската со македонските обичаи и духовното наследство. Православните обреди меѓу етничките македонци во мала Преспа биле тајно практикувани и во минатото кога било забрането секакво верско делување. Издржале секакви предизвици кои им ги наметнала историјата, ги обновиле разрушените цркви и изградиле многу нови.

„Иницијатори беа постарите во селото, мажи и жени, затоа што тие традицијата си ја чувале без оглед на тоа што во 1964 им се растури црквата, во душата нивна постоеше духовноста. Имавме еден круг од старите генерации во селото што ни ги кажуваа празниците затоа што немавме православен календар во тоа време. Љубовта за верата треба да се пренесува од генерација на генерација. “ – вели Стилјан Симони од Црковниот одбор.
Верниците од Шулин пред 4 години издигнаа 12 метарски Крст на Ледина над селото кој се гледа од сите страни на Мала Преспа.



Македонците од овој економски сиромашен крај, но богат со природни убавини покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро, достоинствено и искрено ги почитуваат и чуваат традициите и своето етничко потекло.
