Skip to main content

СОСУ св. кирил и методиј

Ученици ги претставија своите професионални модели

Средношколците од стручното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во рамки на одбележувањето на патронатот, го промовираа проектот „Мојот професионален модел на вработен“. Станува збор за претставување на иновативен и интересен начин на соработка на учениците со вработените во претпријатијата каде што се обавува практиканство. Проектот е организиран од средното училиште „Св. Кирил и Методиј“, под менторство на професор Весна Карамитре, во соработка со професор Гордана Бешироска Ристеска.
 |  инфодеск  | 
Професионални модели

Учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ на интересен начин во предворјето на црквата Св. Софија во Охрид ги претставија нивните професионалните модели на вработени од приватни и јавни претпријатија каде што обавувале практична настава.

Ништо не е невозможно. Можете да направите се доколку доволно се трудите. Ова се принципите кои ме потсетуваат на мојот професионален модел на вработен. Зошто таа е мојот професионален модел? Таа придонесе да бидам упорна во реализирање на моите задачи без оглед колку е напорно, од организациски аспект успешно ја организираше работата и ги распределуваше работните задачи на вработените, нејзините ставови ме инспирираа да дадам се од себе и кога работите не беа лесни. Благодарна сум за соработката и вниманието кое ми беше посветено од мојот професионален модел на вработен од ЈП „Водовод“ Охрид, Славица Зарчева – кажа ученичката Мартина Анастасиевска.

Проектот „Мојот професионален модел на вработен“ е организиран од СОСУ„ Св Кирил и Методиј“, под менторство на професор Весна Карамитре, во соработка со професор Гордана Бешироска Ристеска.

Оваа учебна година, според наставната програма по предметот „Учење преку работа кај работодавач“, учениците повторно се сретнаа со реалниот сектор. Тие ги споделија нивните коментари и искуства за вработените кои ги среќаваа за време на нивната пракса. Придобивките се взаемни, на учениците им се нуди можност практично да ги применат стекнатите знаења, а на компаниите да креираат модел на вработен според своите потреби – истакна пред присутните Ристе Јанкоски, директор на СОСУ„Св. Кирил и Методиј“.

Проектот опфати 12 јавни и приватни претпријатија од градот Охрид. Завршниот настан имаше за цел истакнување и мотивирање на професионалниот модел на вработен. Овој проект ќе придонесе кон зголемување на моралот на учениците и вработените, инспирирање здрава конкуренција, создавање позитивна атмосфера и отворени комуникации, истакна професор Весна Карамитре.

Конечно зборуваме за вистински вредности и критериуми и даваме круна на луѓето кои се вистински професионални модели. Убаво е чувството кога се зборува за вас. Вие сите сте сигурно идол или модел на секој ученик и на некоја личност во вашиот живот – посочи м-р  Карамитре.

Весна Карамитре

Учениците им оддадоа признание и благодарност на своите професионални модели преку подарок. Настанот беше збогатен со песни од учениците од прва година како дел од воннаставната активност „Учење преку музика“.

Учениците изведуваа авторски песни со економска содржина во кои е преточен наставниот материјал кој се учи по предметите Деловно комуницирање и Основи на правото.

Професионални модели