Ученици, наставници и невладини во еко акција „Чиста животна средина за светла иднина”
Ученици, нставници и невладини во еко акција. На повеќе плажи се собраа голем број вреќи најразличен отпад. Еко-акциите за чистење на крајбрежјето на Охридското езеро се реализираа во рамките на проектот „ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА” , на иницијатива на ЗГ „Нова Порта” со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на овој проект е градење на еколошки свесна младина. Од Здружението на граѓани „Нова порта” велат, преку вакви акции за чистење на најкритичните места вдолж брегот на Охридското езеро се подигнува еколошката свест кај јавноста, а од друга страна се остава чиста слика пред почетокот на туристичката сезона.
Во акцијата се вклучија наставници и ученици од ООУ „Григор Прличев” од Охрид.
-„Како наставен кадар се трудиме од најмала возраст да ги едуцираме децата за грижа кон животната средина. Би било добро да има повеќе вакви еко акции, да се вклучуваат што повеќе ученици. Ние сме свесни дека не можеме се да исчистиме, но даваме пример како треба да се однесуваме, да бидеме еко свесни. Учениците ги учиме правилно да одлагаат отпад, но и да рециклираме отпад, а со тоа веруваме и со вакви акции ќе ја подигнеме свеста кај сите”, изјави Билјана Иваноска наставник во ООУ „Григор Прличев” Охрид.
Младите испратија силни еколошки пораки за зачувување на најстарото и највредното природно езеро во земјава и Европа.
„На отпадот местото му е во корпа”, „Не фрлај ѓубре во Езерото”, „Да ја чуваме животната средина„, се дел од пораките на учениците.
Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, ќе се обележат и со еко-знамиња.
„Ваквите акции пред се имаат едукативна намена, а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина”, велат еколозите од „Нова порта”.
Во рамките на проектот предвидено е да се реализираат и неколку подводни чистења на Езерото во Охрид и Струга, како и едукативни работилници со учениците од основните училишта. За подигнување на еколошката свест ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
Новинар Соња Рилковска