Skip to main content

Распишан ученички литературен конкурс за најдобра поетска творба во чест на Свети Климент Охридски

На овој конкурс, Општина Охрид ќе додели три први награди за најдобра поетска творба во три различни категории.
 |  инфодеск  | 
Свети климент

По повод 8 Декември, Денот на „Св. Климент Охридски“, Патрон на градот, Општина Охрид распишува награден ученички литературен конкурс за најдобра поетска творба.

Темата на конкурсот треба да се однесува на Охрид и животот и дејноста на Свети Климент Охридски. На овој конкурс, Општина Охрид ќе додели три први награди за најдобра поетска творба во три различни категории и тоа:

– Прва категорија – за ученици од одделенска настава (од прво до петто одделение),
– Втора категорија – за ученици од предметна настава (од шесто до деветто одделение) и
– Трета категорија – за ученици во средно образование (од прва до четврта година).

Износот на наградата за првата категорија е 2.000 денари, за втората е 3.000 денари и за третата категорија е 4.000 денари.

Изборот на најдобрите поетски творби ќе го направи тричлена жири-комисија, формирана од градоначалникот на Општина Охрид. Право на учество на овој конкурс имаат сите редовни ученици од основните и средните училишта на подрачјето на општина Охрид.

Творбите да се достават во три примероци, во затворен плик, под шифра, најдоцна до 30 ноември 2026 година, на следната адреса: Општина Охрид, улица „Димитар Влахов“ бр. 57 (со назнака: За Конкурсот за најдобра поетска творба со наведена категорија за која се конкурира).

Творбите пристигнати по наведениот датум нема да се разгледуваат. Авторството се докажува со четвртиот примерок.

Наградите ќе бидат врачени на една од свеченостите организирани по повод 8. Декември, „Свети Климент Охридски“, Патрон на Охрид.