Учениците од охридските основни и средни училишта останаа без организиран превоз
Учениците од охридските основни и средни училишта останаа без организиран превоз. Причината е ненавремено објавен тендер за избор на превозни компании. Тендерот е распишан и се очекува до почетокот на октомври да се воспостави организиран училишен превоз.
Првиот училишен месец започна без организиран превоз за охридските основци и средношколци. Организиран превоз нема, а причината се лоцира во ненавремено спроведен тендер за избор на превозна компанија, информира општинскиот портпарол Томе Џамтоски.
„ Грешка е и во училиштата и во Локалната самоуправа. Факт е септември, прв месец од учебната година учениците ќе мора да се снаоѓаат сами за превоз до училиштата. По постапката по отварање на јавниот тендер по 14 септември , кон крајот на септември и почетокот на октомври, кога ќе заврши постапката ќе има организиран превоз за сите училишта“, информира општинскиот портпарол Томе Џамтоски.
Во меѓувреме Локалната самоуправа распиша јавен повик, а родителите на основците и средношколците трошоците за превоз ќе ги сносат сами, вели Џамтоски.
„ На јавниот повик за организиран превоз може да се јават повеќе превозни компании и правни лица бидејќи е подeлен во 23 дела. Има посебни услови кои превозниците мора да ги испочитуваат, како што се е број на седишта за одреден броја ученици и за одредени линии,“напоменува Џамтоски.
Засега нема одговор на прашањето дали Локалната самоуправа ќе ги рефундира направените патни трошоци на учениците до изборот на организиран училишен превозник. Досега во општина Охрид училишниот превоз го вршеле повеќе превозни компании.