Skip to main content

Училишна зграда во селото Брежани ќе се адаптира во планинарски дом

Наскоро училишната зграда во селото Брежани ќе се адаптира во планинарски дом. Се планира и поврзување на планински  патеки со општина Охрид  и општина Грамш. Општина Дебрца доби и специјално возило за спасување во зимски услови на Планинската спасителна скужба.   

 |  Валентина Неловска  | 

Општина Дебрца ги зајакнува инфраструктурните капацитети за развој на зимски и планински туризам. Напуштена училишна зграда во селото Брежани ќе се адпатира во планинарски дом. Инвестицијата во вредност од околу 80.000 евра е финансирана од проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ од Европската унија, преку ИПА2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, информира Зоран Ногачески, градоначалникот на општина Дебрца. Според динамиката проектот треба да биде готов до почетокот на месец август оваа година.

„Активностите се очекува да започнат во месец април. Во следните три месеци активностите ќе треба да бидат реализирани. Останува обврската да се реконструираат и 10 -тина пропусти на патната врска помеѓу селото Брежани и Илинска планина. Се очекува до средината на ова година сите обврски од општината Дебрца од овој проект да бидат имплементирани.“

Овој проект е во директна врска со нашата визија Дебрца да прерасне во  добро  oрганизирана природна и културна туристичка дестинација, вели Ногачески. Напоменува дека ќе ја продолжат соработката со општина Грамш.

Подготвуваме апликација заедно со Грамш и за нов повик од прекугранична соработка со Албанија кој е во тек. Со убав проект ќе ги надоврземе активностите кои ги започнавме. Поврзување на планинските патеки кои ќе одат од нашата општина преку општина Охрид и Грамш, а се надеваме и на други активности“.

Деновиве, општина Дебрца доби и специјално возило за спасување во зимски услови за Планинската спасителна служба во рамките на проектот за меѓугранична соработка “Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.