Училишните и надзорните одбори во охридските образовни установи тема за политчко препукување во градскиот совет
Предлог одлуките за разрешување и именување членови во Училишните и надзорните одбори во општинските образовни установи кои беа на дневен ред на денешната седница на градскиот совет тема за политичко препукување меѓу позицијата и опозицијата. Советниците од опозицијата ја напуштија и денешната седница но претходно обвинија за незаконска смена на членовите во управните одбори во школите.
Советниците од Вмро Дпмне и денес ја напуштија седницата на Советот. Дојдоа и заминаа по првата точка од дневниот ред упатувајќи обвинувања по предлог одлуките за разрешување и именување на членови во надзорниот одбор во градинката и во училишните одбори на општинските училишта.
„ Именувањето во училишните одбори и надзорниот е незаконски. Постојат луѓе на кои не им е истечен мандатот, а се менуваат. Целта е назначување на Управни одбори по мерка на локалната власт.Врз основа на тоа управните одбори ќе одлучува в.д. директори да станат официјални директори на училиштата“, рече Кирил Пецаков советник од Вмро Дпмне.
Градоначалникот Јован Стојаноски ги отфрли ваквите обвинувања од политичките противници. Рече дека се неточни и тендециозни.
„ Незаконски , апсолутно не е. Тие обвинија од говорницата и тоа го прават на сите седници. Доаѓаат се запишуваат за да го земат паушалот и си одат. Тоа не е фер и во иднина верувам тоа ќе биде одстрането. Местото за расправа е на говорница. Во однос на разрешувањата и именувањата се е законски направено. Мандатот е поминат во основните училишта е 3 години, а во средните и во градинката е 4 години, и се поминати“, тврди Стојаноски.
Советниците од позицијата на денешната седница донесоа предлог одлуки од областа на урбанизмот, програма за поставување на урбана опрема, формирање штаб за спасување, субвенционирање на трошоци за комунални услуги, како и одлука за материјално- финансиска поддршка на спортските клубови.