Училиштата немаат капацитет за инклузивно образование
Образовниот систем не е подготвен за целосно инклузивно образование. Покрај во основното, со новиот закон за средно образование, кој е во владина процедура, предвидено е ангажирање на образовни асистенти во наставниот процес и во средно. Но, за стручната фела, тоа е целосно неприфатливо. Секое училиште треба да има екипиран стручен тим со педагог, психолог, дефектолог, што не е случај. Според експертите во редовно образование можат да одат лесните случаи, тие што можат лесно да се вклопат во образовниот систем. Но, лицата со умерени и тешки попречености и тешки аутиситични проблеми, не можат, бидејќи не се подготвени наставниците и професорите.
„Предизвиците, педагошката работа на професорите е многу сложена со многу големи одговорности меѓутоа во прашање е и нивната подготвеност односно педагошката компетенција да се справат и да одговорат на потребите на оваа категорија на ученици. Пред оваа ситуација на инклузивно образование освен академската фела, пред голем предизвик се ставени и самите професори, стручните тимови мегутоа секако и семејствата и самите ученици. Би требало да бидеме објективни и да се прашаме колку иницијалното образование на наставничките факултети е доволно и оспособува за да наставниците бидат подготвени да се справат со работа со оваа категорија ученици. Одговорно тврдам дека немаат доволно педагошки компетенции” , вели Елизабета Томевска Илиевска – доктор по педагошки науки
Не само што недостигаат стручни тимови, училиштата немаат ниту соодветна инфраструктура, Потрребни се лифтови, тоалети, засебни простории, дидактички алатки.Комплетно инфраструктурно и кадровско опремување на училиштата.
„Бројот на лицата, за жал со попреченост од ден на ден, од година во година се зголемува. И навистина ќе биде еден голем рпедизвик за овие наставници , за мене големи ентузијасти, да се соочат со овој проблем и правилно да работат. Ова е добар почеток, се надеваме дека ќе продолжи така и да се комплетираат и стручните тимови, да се направат добри просторни услови, адаптација, да се обезбедат дидактички материјали и ред други работи”, вели Горан Ајдински од Инстутот за специјална едукација и рехабилитација,
Во Струга има ученици кои се запишани во редовен образовен процес, но им бил потребен образовен асистент, за што не добиле финансиска поддршка ниту од Министерството ниту од Општина Струга. Токму затоа, за прв пат во средното училиште „Ибрахим Темо” во Струга, изминатите денови се одржа семинар за стручно обучување на наставниот кадар во училиштето со професори од Филозофскиот факултет, за да им помогне на наставниците во процесот на инклузија на учениците со интелектуална попреченост.
Новинар Соња Рилковска