Угостителите продаваат безбедна храна
Безбедна храна се конзумира во угостителските објекти и оператори со храна на охридското крајбрежје. Ова се констатира по интензивните инспекциски контроли на АХВ во хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекџилниците, пекарниците каде што има зголемена потрошувачка на храна, информира Николче Бабоски, директорот на Агенција за храна и ветеринарство. Од почетокот на годинава до крајот на месец јуни се направени 342 контроли при што во мал дел се утврдени прекршоци во безбедносните практики за храна, напоменува Бабовски.
„За жал кај еден дел се утврдени неусогласени практики. Најдена е храна со поминат рок, лоши хигиенски услови и нерегулирани оператори со храна во АХВ. Издадени се 13 наредби за одстранување на недостоци, изречени се 5 забрани за вршење на дејности, 4 мерки на едукација и 1 парична казна“, информира Бабовски.
Во летниот период инспекторите на АХВ во туристичките места се во контрола и на градските пазари каде што се продава храна. Бабоски апелира купувачите да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти и продавачи на храна.
„АХВ прави контроли во маркетите и зелените пазари каде што се продава освен зеленчук и овошје и храна од животинско потекло. Акцент со контролите се става на овие категории на оператори со храна кога мора да се исполнат стандардите за безбедна трговија со храна од животинско потекло“, вели Бабоски.
Деновиве, засилен надзор имало и на монтажните киосци во кои се подготвува и продава храна на градскиот кеј. Контролите покажале дека се запазени безбедносните практики за продажба на палачинки, крофни и други видови на храна и пијалоци.