Skip to main content

УЈП на работна средба со туристичкиот сектор во Охрид – „Фер туризам започнува со пријавен доход“

Пораката од средбата е јасна: фер и успешен туризам се гради со информирани туристички работници, почитување на законските обврски и еднакви правила за сите.
 |  инфодеск  | 

Издавачи на апартмани и соби, на вили, хотелиери, угостители и претставници на други дејности поврзани со туризмот денеска имаа средба со претставници на Управата за јавни приходи во Охрид. Информативно-работната средба беше реализирана од страна на стручен тим на Управата за јавни приходи, во соработка со Општина Охрид, со цел зајакнување на соработката и навремено информирање на туристичкиот сектор за даночните обврски.

Средбата беше посветена на запознавање на туристичките работници со нивните права и обврски, со посебен акцент на пријавувањето на доходот од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и пријавувањето на доходот од дејности од времен карактер.

Во текот на средбата беше презентирана кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која се укажува дека сите граѓани кои остваруваат доход од издавање сместувачки капацитети апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, независно од тоа дали имотот се издава на подолг период или само неколку дена во месецот, имаат обврска истиот навремено да го пријават и да го платат утврдениот данок на личен доход.Обврската постои и кога плаќањето се врши од домашен или странски гостин, во готовина или преку трансакциска сметка, преку Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други платформи.

„Целта значи на Управата не е да ги казнува даночните обврзници, туку да ги поттикне, да ја поттикне нивната свест, да ги поттикне со плаќање на данокот да директно учествуваат во развојот на туризмот и другите јавни добра кои се од интерес за целото општество.
Секако тоа е неопходно со меѓусебна соработка на институциите, како Управата за јавни приходи заедно со Општината Охрид од една страна и од друга страна даночните обврзници, почнувајќи од домаќините на соби, апартмани, вили, исто така и хотелите, рестораните и другите угостителски објекти. И исто така тука спаѓаат и сезонските работници и малите продавачи кои вршат дејност од привремен карактер. Сите заедно да придонесеме да создадеме фер, еднакви услови за сите, да ја поттикнеме фер конкуренцијата и да ја сузбиеме сивата економија. Нашата Македонија има голем потенцијал, сите заедно треба да придонесеме да вложуваме за развој на туризмот и заедно да учествуваме во да ја движиме локалната економија напред.“
– изјави Весна Николоска-Ристовска, координаторот на даночното одделение при Управата за јавни приходи во Охрид.

На присутните им беше објаснет и начинот на пријавување на доходот остварен од закуп и подзакуп преку системот на е-Даночни услуги, како и начинот на пресметување на данокот на личен доход. Притоа беше посочено дека данокот се пресметува на бруто остварениот доход, намален за признатите трошоци, зависно од тоа дали просторот се издава неопремен или опремен со мебел.

Посебен дел од средбата беше посветен на ангажирањето лица во туристичката сезона, како што се: готвачи/ки, бармени/ки, собари/ки, рецепционери/ки, лица за чистење, одржување и други работни задачи. На работодавачите им беше укажано дека доколку ангажираат физички лица за сезонска или повремена работа, до најмногу 180 дена во текот на една календарска година, работниот ангажман треба да биде формализиран и пријавен согласно Законот за работно ангажирање на лица. Со цел плаќање на данокот на личен доход и придонесите од задолжително социјално осигурување, работодавачите треба да  обезбедат е-ПДД пресметка за данокот и МПИН пресметка за придонесите од Управата за јавни приходи преку нивните профили на системот е-даночни услуги.

На средбата беа опфатени и дејностите од времен карактер, кои се особено присутни во летната туристичка сезона. Станува збор, меѓу другото, за изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, но и за продажба на ракотворби, сувенири, накит и уметнички предмети.

Пријавувањето на приходите и плаќањето на данокот создаваат еднакви услови за сите туристички работници и придонесуваат кон намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција. Редовното исполнување на даночните обврски е важно и за самата туристичка дестинација, бидејќи преку платените даноци се обезбедуваат средства за подобри јавни услуги, инфраструктура и развој на локалната заедница.

„Охрид како туристичка дестинација, главна дејност на нашите сограѓани во голем дел е туристичката дејност. Туристичкиот сектор е наш двигател на локалната економија. Денес зборуваме за многу значајна соработка помеѓу институциите, како што е локалната самоуправа, УЈП и сите други надлежни институции, секако бизнис секторот. Она што е најважно е да се обезбеди фер туризам, лојална конкуренција, да ги отстраниме сите нелегални станоиздавачи, да се регулира плаќањето на доходот на сите оние кои закупуваат простор, дали се тоа станови, апартмани, вили, соби, вклучувајќи ги и оние кои издаваат преку интернет операторите простор во нашиот град. Особено е значајно да постои координирана и континуирана соработка помеѓу институциите, да имаме навремена информираност, со цел да го развиваме бизнис секторот, затоа што туризмот е најзначајна алка во нашиот локален развој, и секако ни е важно фер и лојална конкуренција која ќе придонесе да се развива туристичкиот сектор како целина. Значи, Општина Охрид сака да биде атрактивна туристичка дестинација, меѓутоа и пример како еден одржлив, фер, уреден туристички систем треба да функционира.“ – истакна заменик градоначалничката Ана Крстеска.

Средбата беше и можност туристичките работници директно да постават прашања и да добијат појаснувања за конкретни ситуации со кои се соочуваат во секојдневното работење. Преку отворен разговор беа разменети мислења и искуства, со цел обврските да бидат што појасни и полесни за исполнување.

Заедничката активност на Управата за јавни приходи и Општина Охрид претставува придонес кон создавање поуреден, одговорен и конкурентен туристички сектор, во кој правилното исполнување на законските обврски е предуслов за фер услови за работа и одржлив развој на туризмот.

Корисни линкови

  • Видео туторијал како да го пријавите и платите данокот на личен доход од закуп или подзакуп преку системот е-Даночни услуги:

линк: https://youtu.be/jiNYmAtlkAs?si=YJLXd5yA79YFrKV7

  • Брошура „Фер туризам започнува со пријавен доход“

линк: Управа за Јавни Приходи на Република Северна Македонија

  • Често поставувани прашања

линк: Управа за Јавни Приходи на Република Северна Македонија

Даночните обврзници кои имаат потреба од помош или поддршка може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП на телефонскиот број 02/32 53 200 или лично во најблиската организациона единица на Управата за јавни приходи до нивното место на живеење.

Даночните службеници стојат на располагање за навремено и точно исполнување на обврските согласно законските прописи.