Укинувањето на правниот статус им ги секна финансиите на месните и урбаните заедници
Укинувањето на правниот статус им ги секна финансиите на месните и урбаните заедници.
Одземањето на правниот статус на месните заедници премногу ја отежнува состојбата, вели претседателот на Месната заедница Куратица, Горан Ангелоски. Секнаа финансиите за урбаните и месните заедници со укинувањето на жири сметките. Нема заинтересирани донатори кои би издвоиле пари за поправки или изградба на објекти во селските или градските средини. Нема можност за аплицирање на проекти до предпристапните фондови. Со законските измени од пред 7-8 години кога се укина статусот на правни субјекти и останаа без посебни жиро сметки, тие се доведени во ситуација да чекаат пари само од Локалната Самоуправа. Поправките, рекострукцијата на домови на култура, водоводна мрежа и канализација, или изградбата на детски и спортски игралишта, сега зависат само од парите во буџетот на Локалната самоуправа. Со ваква ситуација се соочуваат од пред 7-8 години иако побарале работитите да се променат, вели Ангелоски.
„ Уште во 2007 -2008 година со усмена иницијатива доставивме да се покрене иницијатива да се врати правниот статус на МЗ. Минатата година на Советот на општина Охрид потпишавме да се врати правниот статус на МЗ. Досега нема резултати нити известување дали е некаде доставено нашето барање. На никого не му е јасно зошто се укина правниот статус на МЗ,“напоменува Ангелоски.
Портпаролот на ЛС, Томе Џамтоски потврдува дека станува збор за законска недореченост. Како олеснителна околност ја посочува можноста заедниците да работат преку отварање на донаторски сметки преку општината.
„Ние повеќе пати како локална самоуправа преку Зелс и преку контактите со Влада сме укажувале на оваа законска недореченост во смисла дека урбаните заедници и месните заедници немаат правен субјективитет. Тие немаат свои сметки, сметката е на Локалната самоуправа“ , укажува Џамтоски.
Но од месните заедници велат дека донаторите најчесто бараат нивна жиро сметка, а не на ЛС . Претседателот на МЗ Куратица вели дека и останатите претседатели на месните и урбаните заедници се соочуваат со овој проблем. Во ваков правен вакум Курајчани понекогаш како олеснувачко решение ја применуваат жиро сметката на нивното Здружението на граѓани Св. Василиј иако во тоа не гледаат трајно решение.