Украдени садници кај спомениците на паднатите борци
Младите елки кои активностите на здружението „Брег на младоста“ ги посади во Спомен паркот на паднатите борци, во знак на одбележување на 7-ми Ноември, денот на ослободувањето на градот, украдени. Младинците револтирани од овој вандалски чин бараат СВР Охрид и Националниот парк Галичица да ги најдат и да ги казнат сторителите.
Зимзелените дрвца кои беа засадени во Спомен паркот на паднатите борци од активностите на здружението „Брег на младоста“, откорнати и украдени. 20тина стебла на ела од пред една недела ги нема во паркот.
Група на вандали украле 15 елки при тоа не почитувајќи ја историјата на паднатите борци и заштитената флора на Националниот парк Галичица, но и непочитувајќи ги младите кои за прв пат засадија садници и се радуваа на своето постигнато дело, вели Теа Петкоска- претседател на младите волонтери на здружението „Брег на младоста“.
Волонтерите на здружението „Брег на младоста“ овие дрвца ги посадија во знак на одбележување на 7-ми Ноември, денот на ослободувањето на градот. Тие со овој гест сакаа да искажат благодарност и сеќавање на борците кои пред 68 години ги положија своите животи за слободата на својата земја. Револтирани се од несовесноста на граѓаните и немањето чуство за патриотизам.
Се надевам дека надлежните како СВР Охрид и Националниот парк Галичица ќе преземат соодветни мерки за да се расветли случајот и како никогаш не би се повторил овој немил чин, вели Петкоска.
Членовите од Здружението „Брег на младоста“ велат дека нивниот ентузијазам и акцијашки дух со ова нема да биде поматен. Во иднина ќе организираат уште многу акции за зачувување на вредностите од минатото.