Skip to main content

Улицата „Кирил и Методиј“ ќе се подновува

Започна реконструкцијата на улицата „Кирил и Методиј“. Ќе се става нов асфалт, а ќе се поправаат и потпорните ѕидови. По нејзината реконструкција ќе се интервенира и на останатите улички во УЗ Стар град.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Улицата „Кирил и Методиј“ ќе се подновува. Започнаа градежните работи околу нејзината реконструкција. Ова е дел од годишната програма на општината за санација на улици и потпорни ѕидови во УЗ Стар град, а пред два месеци општината распиша и тендер за изнаоѓање најдобар изведувач. На тендерот најповолна понуда имаше АД „Илинден“ од Струга, со кого е потпишан договор за извршување на градежните работи.

Согласно планираното АД „Илинден“ треба да изврши санација по цела должина на овој крак, од чинарот, па до Горна Порта. Вредноста на проектот е 2милиона и 400 000 ден., вели Љупчо Танески од фондот за комунален развој, сообраќај и улици.

Викендов се подготвуваше теренот бидејќи покрај реконструкција на улицата треба да се санираат и потпорните ѕидови кои се веќе испаднати поради забот на времето. Последните временски неприлики уште повеќе придонесоа за нивно оштетување. При реконструкцијата, улицата малку ќе биде и проширена за да се намали острината на кривините кои се наоѓаат на овој потег.

Градежните активности се во полн ек и ако послужат временските услови  уште утре ќе отпочне асфалтирањето. Градежните работи комплет е предвидено да завршат до крајот на неделата, објаснува Танески.

По реконструкцијата на кракот од улицата Кирил и Методиј и санацијата на потпорните ѕидови ќе се интервенира и на останатите улички во УЗ Стар град. Планирано е да се изврши замена на некои коцки, а бекатон плочките со кои беа санирани некои делови од улиците ќе бидат целосно отстранети и заменети со камени коцки.