Skip to main content

Улицата „Ристо Чадо“ денес го доби првиот асфалт

Доколку временските услови ги послужат, од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици велат дека целосното асфалтирање наскоро би било завршено.

 |  Мишел Наумоски  | 
Risto Cado

Поставен првиот асфалт на улицата „Ристо Чадо“. После неколкумесечната целосна реконструкција на оваа улица, денес изведувачите од АД „Илинден“ од Струга го положија седум сантиметри дебелиот слој асфалт од типот БМ ХС 16 кој според луѓето од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици е еден од најквалитетните типови. Во текот на денешниот ден беше асфалтиран еден дел од оваа улица почнувајќи од кружниот тек кај Сојузот на возачи во правец кон објектот „Стобекс“. Љупчо Танески, од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици вели дека паралелно со аслфалтирањето, работниците од јавните претпријатија работеле на дислокација на последната преостаната шахта на оваа улица. Тој најави скоро привршување со активностите на оваа улица.

asfaltiranje Risto Cado„Динамиката на градежните активности зависи најмногу од временските услови. Доколку тоа го овозможат временските услови, очекуваме дека комплетното асфалтирање на улицата „Ристо Чадо“ ќе заврши за околу пет работни дена, преостанува и еден мал дел од тротоарите да биде завршен меѓутоа заради физичката невозможност да се работи паралелно на асфалтирање на трупот на патот и на реконструкција на оној дел од тротоарите кој што не е направен досега, во следните неколку дена ќе биде реконструиран и тој дел од тротоарот.“-вели Танески.

Реконструкцијата на улицата „Ристо Чадо“ започна уште изминатово лето. Во меѓувреме граѓаните кои гравитираат во тој дел скоро секојдневно реагираа на темпото со кое се изведуваат работите на оваа улица. Според Танески, причините за ваквиот интензитет на работите лежел во неколкуте слоја асфалт кои во минатото биле поставувани на таа улица, а кои ја отежнале работата на терен при дислокација на шахтите.

rekonstrukcija Risto Cado„Со оглед на тоа што во минатото, токму и тоа е една од причините што реконструкцијата на улицата „Ристо Чадо“ одеше со намален интензитет, секое дополнително асфалтирање претставувало затрупување на постоечките шахти  како на шахтите од атмосферска канализација така и оние од водоводната мрежа. Токму заради тоа и се одложија дел од активностите за една подоцнежна етапа, односно токму на денешниот ден почнавме со асфалтирање на трупот на патот.“-рече Танески.

Во рамките на целосната реконструкција на улицата „Ристо Чадо“, од Секторот за комунални дејности информираат дека била извршена и целосна замена на атмосферската и водоводната мрежа, а биле направени и нови приклучоци на домаќинства и на двете мрежи. Инаку, должината на улицата која што се аслфалтира е околу 700 метри и ширина од 6,5 метри.