Улиците претворени во паркинг
Проширените зони на паркинзите и највата за наплата на паркинг на улици каде никогаш порано немало таква пракса, ја разбрануваа охридската јавност.
Речиси на сите улици во центарот на Охрид ќе се наплаќа за паркинг и тоа не само за време на летната сезона туку во текот на цела година. Со воведувањето на новиот смс систем на наплата на паркинзите се воведуваат и овие новини од кои охриѓани ги заболе глава. Поголемиот дел од граѓаните веста ја дочекаа како измени кои ќе важат само во летниот период, но од локалната им ги скратија надежите.
Со оваа одлука се очекува да се намали сообраќајот во централното градско јадро, односно непотребното користење на моторни возила или заземање на јавните паркинг површини преку цел ден или преку цела ноќ. Интенцијата е ваквата одлука за наплаќање паркинг на најголемиот дел улици во градов да е засекогаш, а не само з време на летото, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.
Од местоположбата на улицата ќе зависи и цената која ќе се плаќа за еден час паркирање. Ако е во централното градско подрачје, односно во зона А ќе се наплаќа по 30ден., во зона Б по 20ден., а во зона Ц по 10ден. Ќе се наплаќа и на оние улици на кои досега никогаш не се правело тоа како на пример во стар град на улиците „Самоилова“, „Коста Абраш“, „Илинденска“, но и на „Јане Сандански“, „Ванчо Николески“ и други поодалечени улици од центарот. Ќе се наплаќа и на Булевар „Туристичка“ иако оваа сообраќајница е во категоријата на магистрален пат и е под ингеренции на Македонија пат.
Таа е магистрална сообраќајница, но во секој случај регулирањето на сообраќајот, паркирањето и движењето на моторните возила е во ингеренции на општина Охрид така да имаме полно право да го регулираме сообраќајот и на оваа сообраќајница, објаснува Џамтоски.
Ќе плаќаат и станарите во стамбените згради кои дел од улицата пред зградата ја користат како паркинг. Месечна цена за лица што со своето место на живеење гравитираат во јавните паркинг простори и површините наменети за паркирање во зона Б изнесува 500 денари, годишно 6000 денари, а во зона Ц изнесува 300 денари, годишно 3600 денари. Месечна цена за правни субјекти што со своето седиште гравитираат во јавните паркиралишта или површините наменети за паркирање односно во зоните Б и Ц изнесува 1800 денари, годишно 20 000 денари.
Месечна цена за лица вработени во правни субјекти што со своето седиште гравитираат во јавните паркиралишта и површините наменети за паркирање во зона Б изнесува 800 денари, годишно 9000 денари а во зона Ц изнесува 500 денари, годишно 5000 денари. Но како ова ќе го решава Локалната. Дали физичките и правни лица кои платиле месечен или годишен надомест за паркирање ќе имаат определено свое паркинг место. Од ЈП „Билјанини извори“ објаснуваат дека тоа нема да функционира практично како закуп на точно определено паркинг место туку граѓанинот кој што платил надомест ќе може да паркира во рамки на соодветната зона.
Точката за ценовниците за користење на паркинг просторот во Охрид ќе се најде на дневен ред на седницата која ќе се одржи во четврток. Ова решение на Локалната предизвика низа реакции. Опозиционата вмро дпмне во градскиот совет веќе јавно изнесе обвинувања и побара од Градоначалникот да ја повлече оваа, како што велат , скандалозна одлука. Останува да видиме дали точката и понатаму ќе остане на дневен ред или ќе биде повлечена со цел да се доразгледаат и да се доразјаснат некои дилеми за да не се случи охриѓани да бидат оштетени.