Улогата на жените во развојот на туризмот
Југозападниот регион и Охрид имаат услови за развој на повеќе типови на туризам кои се поволни за жените претприемачи да влезат во тој бизнис и да креираат производи и услуги. Денеска во Охрид се одржа Локален форум ,,Улогата на жените претприемачи во развојот на туризмот” во организација на Национална платформа за женско претприемништво.
Било што од она што го има еден крај може да се претвори во туризам. Сведоци сме дека во регионот на Југоисточна Европа се развиваат разни нови форми на туризам, а според можностите кои ги имаме ние треба да ги следиме тие чекори и да пронајдеме што можеме да му продадеме на туристот. Да ја снимиме ситуацијата, да ја креираме приказната и потоа да ја претвориме во економска добивка – изјави Валентина Дисоска, претседателка на Национална платформа за женско претприемништво.
Од заклучоците од ваквите форуми ќе се креират нови мерки и планови за женското претприемништво и акциски план. Општините од Југозападниот регион заедно со невладиниот и приватниот сектор ќе формираат Совет за женско претприемништво, посочува координаторката на платформата за Југозападен регион, Сузана Наумовска.
Има голема позитивна енергија. Направивме мал караван, го посетуваме секој град, секоја мала општина, имаме лични средби со жените претприемачи и мислам дека за брзо ќе го формираме и Советот, имаме поддршка од сите градоначалници – изјави Наумовска.
Верувам дека Националната платформа за женско претприемништво ќе обезбеди креирање на мерки и политики на национално, регионално и локално ниво со кои ќе се стимулира женското претприемништво во туризмот, кажа советничката Милена Грозданоска како претставник на Општина Охрид.
На Охрид му е потребно посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за нови форми на туризам и креирање алтернатувни туристички понуди во согласност со светските современи текови. На ова поле особен придонес можат да дадат жените преку развој на креативни бизнис концепти и туристички услуги. За разлика од минатото влијанието на жените во сите сфери од општествениот живот континуирано расте, а жените се повеќе се мотивираат да преземаат иницијатива и сопствените идеи да ги претвораат во реалност – истакна Грозданоска.
И во земјите од ЕУ, како и во Македонија жените сеуште се најголемиот неискористен економски лидерски потенцијал. Жените претприемачи се соочуваат со низа предизвици како пристап до информации, до финансии, обуки, вмрежување, а тука е и пристисокот врз жените од разни културни и традиционални фактори и стереотипи.
Национална платформа за женско претприемништво, како и ЕУ се труди да го промени тоа и затоа ги поддржуваме, истакна Елизабета Ѓоргиева, ретставник од делегацијата на ЕУ, програмски менаџер и одговорна за следење на проектот.
И жените во земјите од ЕУ се соочуваат со слични предизвици, како и жените претприемачи во Северна Македонија. Ни беше големо задоволство кога ја добивме апликацијата за овој проект за женска платформа во која ги препознавме добрите европски практики и дека истите ќе се реплицираат во земјава – кажа Ѓоргиева.
Проектот Национална платформа за женско претприемништво е кофинансиран од Европската Унија, а се спроведува од Здружение на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување МИР.