Уметници од Австралија ги сликаат убавините на Охрид за да ги прикажат на светот
Уметници од Австралија ги сликаат убавините на Охрид за да ги прикажат на светот. Иницијативата е на уметникот Ристе Андриески, кој по потекло е од охридското село Горенци. Заедно со двајца колеги од Австралија еден месец творат на брегот на Охридското Езеро. На платно ќе ги стават охридските убавини за да ги изложат и во земјава и во Австралија.
Идната година во земјава ќе гостуваат 13 уметници од Австралија за да се запознаат со историјата, културата и убавините на земјава.
„Имаме поминато низ Охридското кале, стариот град, слики правевме. Вчера бевме Галичица, Пештани, Свети Наум. Ќе одиме и на други места за да сликаме. Има многу македонци во Австралија и мислам дека иако сум таму во Австралија мене родното место цел живот ме влече наваму специјално е и романтично, и ми беше желба да поканам уметници од таму да се запознаат со нашите предели и да видат како е кај нас. Ќе одиме и во Струга и во Горенци од каде потекнувам и таму ќе сликаме цел ден, им се допаднаа многу полињата” , вели Ристе Андриески уметnик во Австралија од охридско Горенци.
Австралиските уметници воодушевени од природата, црквите, музеите. Фасцинирани од вековната историја и култура на македонското поднебје.
„Пределот е прекрасен за сликање, планините, езерото е прекрасно особено во овој период од годината“,вели Стив Лопенс уметник од Австралија.
„Мислам дека е различен предел и вистински предизвик за нас уметниците кои трагаме по различна околина. Прекрасно е, навистина се чувствуваме среќни што сме овде“, вели Јуен Меквел уметник од Австралија.
Изложбата на пејсажи ќе се одржи следната година во Куќата на Робевци и во галеријата во Волонгог, Австралија. Сите дела на австралиските уметници, кои на платно ќе го прикажат како го доживеале Охридксиот регион ќе остават свој посебен белег и потпис.
Новинар Соња Рилковска