Уметност инспирирана од Охрид, започна првата меѓународна ликовна колонија „Лихнид“

18 ликовни уметници од девет земји од три континенти, учествуваат на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“, на која до 9 септември ќе создаваат нови уметнички дела инспирирани од природното и културното наследство на Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков очекува првото издание да биде почеток на традиција која ќе се надградува секоја година. Целта е создадените дела да останат во сопственост на Општина Охрид и со тоа да се создаде ново уметничко наследство за идните генерации.

„Ќе започнеме, се надеваме, една долга традиција и не само традиција, туку и една оставштина или наследство на Охрид, на Општината Охрид со оригинални дела коишто ќе бидат инспирирани од природното и културното наследство коешто Охрид во изобилство го поседува, и не само тоа, туку и убавините коишто Охрид ги има. Во наредните осум денови се надевам дека ќе имате плодни и успешни денови пред вас. Културата, како два основни столба коишто јас како градоначалник сум ги зацртал, заедно со спортот, во оваа општина, сметам дека се столбови во коишто општината мора постојано да вложува и да се унапредуваат, и тие се тие коишто сепак нас ни нудат радости, но и ни оставаат големо наследство со коешто не само ние како општина, туку и граѓаните во Охрид, а секако и на Македонија се гордеат.“ – изјави на денешната прес конференција Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Самото име „Лихнидос Охрид“ го поврзува минатото со сегашноста, а посебно значење има и меѓународниот карактер на колонијата, вели академската сликарка Славица Танеска која е уметнички раководител и куратор на колонијата, а воедно и автор на нејзиниот визуелен идентитет и лого.

„Името на оваа колонија е „Лихнидос Охрид“ , значи спојување на минатото со сегашноста. Меѓутоа, сметам дека на нас, новите генерации, е одговорноста да го продолжиме, да го чекориме тој пат што во минатото го чекореа нашите предци. Да не останеме подолу, туку да отидеме понапредокот во тоа што го правиме. Како охриѓанка, за мене претставува голема одговорност да бидам куратор, а и чест. Можам да им се заблагодарам на сите овие големи имиња коишто дојдоа само со еден повик од мене, коишто навистина е голема чест, но и е доста тешко да се стигне до сите нив. Овде ние имаме уметници од Велика Британија, од Канада, од Индија, од Бугарија, од Турција, од Србија, од Полска, од Словачка… Значи, од девет земји коишто се распослани на три континенти.“ – изјави Танеска.
Од Општина Охрид најавуваат дека колонијата треба да добие и свое трајно место. Градоначалникот информира дека е при крај идејниот проект за Младински културен центар во рамки на поранешната касарна, каде покрај простор за концерти, настапи и разни културни настани предвидено и арт-катче за творење. Според најавите, токму овој простор би можел да стане централно место за одржување на ликовната колонија во иднина.











