УНЕСКО бара охридскиот регион да се впише во листата на светски наследства во опасност
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен во рамки на годинашната 47. сесија што се одржува во Париз бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни богатства во опасност.
По разгледувањето на доставената документација во нацрт-одлуката се посочува дека продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторигн мисија од минатата година.
Покрај останатото, во нацрт одлуката се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог Законот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
Во документот се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.
Во делот посветен на македонската страна, меѓу другото се изразува жалење што нема напредок во изготвувањето Стратешка еколошка проценка за утврдување на кумулативните влијанија врз извонредната универзална вредност на заштитеното подрачје, повикувајќи ги надлежните институции што поскоро да ја изготват проценката на сите кумулативни влијанија од инфраструктурните и развојните планови и други големи проекти врз регионот и истата да ја достават до Центарот за светско наследство за разгледување од консултативните тела.
Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.
Дел од експертите се на став дека тоа е вистинскиот начин што ќе отвори повеќе можности државата, институциите, градот да добијат помош, искуства и механизми на Светската организација во наредните активности за надминување на проблемите што впрочем и доведоа до сегашната состојба.