УНЕСКО: Охридскиот регион ги исполнува критериумите да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност
Слабостите нотирани од УНЕСКО за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација резултираа Охридскиот регион да ги исполни критериумите да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.
Слабостите нотирани од УНЕСКО за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација резултираа Охридскиот регион да ги исполни критериумите да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.
УНЕСКО го објави Извештајот по однос реактивната Мониторинг-мисија од 2017 година, што државните институции дури и одбиваа да го коментираат. При објавувањето на нацрт-верзијата тогашниот став на институциите и државата беше дека се работи на подготовка на заеднички одговор од сите засегнати страни како државни институции, министерства, локални самоуправи. Најавено беше дека до Националната канцеларија на УНЕСКО ќе бидат доставени ажурирани информации за степенот на реализација на спроведените препораки и одлуките на УНЕСКО од Реактивната мониторинг-мисија од 2020 година.
Спротивно очекувањата и оптимистичките најави дека се работи за нацрт-верзија односно дека документот може да биде изменет откако ќе бидат образложени зафатите што биле преземени во насока на исполнување на дел од забелешките, Извештајот на УНЕСКО е целосно идентичен на нацрт-верзијата што на почетокот на годинава беше доставен до институциите.
Обемниот Извештај на УНЕСКО на 125 страници ја отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување. Во Извештајот останува препораката Охридскиот регион да биде поместен на Листата загрозени светски природни и културни богатства.
Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.
„Извештајот на УНЕСКО го опфаќа извештајниот период до јануари 2020 година и Владата на Република Северна Македонија останува цврсто посветена во јули кога ќе се дебатира овој извештај и кога ќе се донесе конечното мислење, да ги презентираме сите активности што од тогаш се преземени за природното и културното наследство на заштитеното подрачје на Охридскиот регион и одговорно тврдам дека централната власт направи многу“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев во интервју за ТВ Клан Македонија.
„Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но после присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сеуште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека Владата презема итни чекори за експертско и стручно кадровско екипирање на најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство и НП Галичица. Прекинати се работите на регионалните патишта кои беа во спротивност со Планот, а променета е и рутата на железничката линија Кичево-Лин во Албанија која претходно беше предвидено да поминува низ заштитеното подрачје.