Унгарскиот премиер Виктор Орбан во дводневна посета на земјата: Следната станица за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат е да се постигне спогодба со Бугарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, денеска од Охрид, во рамки на дводневната посета на земјата, кажа дека е историска грешка што сè уште не се започнати преговорите на ЕУ со Северна Македонија, а згора на тоа на евроинтеграцискиот пат ја издвои Албанија. Орбан, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по одржаната меѓувладина седница рече дека има план со кој ќе се одблокира европскиот пат на земјава, односно како да се реши спорот меѓу Македонија и Бугарија.
„Следната станица за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат е да се постигне спогодба со Бугарија. Јас за тоа имам еден предлог и тоа му го пренесов на премиерот. Исто така, предложив како земја-претседавач со ЕУ да бидеме посредник во овој процес. Дали страните ќе ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа. Сакаме да посредуваме да се најде решение што им одговара и на двете страни. Тешко е да се разбере за една нација постојано да ја залажуваат со започнувањето на преговорите. Сакам да нагласам Националната гордост е најважна за една држава, а ова што се случува со Македонија е повредување на националната гордост и тоа постојаносе случува во изминативе 10 години. Вие требаше веќе да сте членка на ЕУ. Според мене е голема грешка што вие се уште не сте во ЕУ, а таа грешка е сега уште поголема со раздвојување од друга држава која забрзано ја форсираат.. До крајот на оваа година мора да започнете преговори со ЕУ“, рече Орбан.
Премиерот Мицкоски, на прашањето за следните чекори на Владата во однос на евроинтеграцискиот процес по одвојувањето на Албанија, рече дека не смееме да губиме надеж.
„Ние не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме, иако многу пати се разочаравме во овие децении. Жалам што пак сме жртва на билатеризација, но ќе продолжиме да работиме напорно, да ги решаваме проблемите дома кои се напластени од минатата влада. Добро е што имаме пријатели во ЕУ кои сакаат да го шират нашиот глас, а еден од нив е Виктор Орбан. Се надевам дека и ние еден ден ќе можеме да бидеме дел од тоа семејство. Жалам што само две страни беа задоволни од оваа одлука на ЕУ, а тоа се политичарите од нашиот источен сосед и опозицијата кај нас дома“, рече Мицкоски.
Орбан кажа дека и во наредниот период ќе продолжи економската соработка со земјава, а многу е важно за Унгарија што во Македонија има стабилна влада која ќе го запре мигрантскиот бран на јужната граница. Прашан дали кредитот од 500 милиони евра кој ќе го земе државава од Унгарија се пари од Кина, Орбан рече дека тоа не е точно. Додаде дека Унгарија располага со свои финансиски средства кои може да ги вложува во Македонија и македонската Влада е таа која треба да каже каде е потребна таа помош. Мицкоски му се заблагодари на Орбан за поддршката и пријателството оценувајќи дека посетата ќе придонесе за уште посилно партнерство и можности за соработка во интерес на граѓаните.
„Имавме конструктивна тет-а-тет средба, на која разговаравме за широк спектар на теми од билатерално и регионално значење. Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а денешните разговори беа фокусирани на конкретни проекти кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси. Покрај тоа, дискутиравме за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи“, додаде Мицкоски.
По меѓувладина седница, на маргините на посетата Орбан и членовите на делегацијата посетија културно историски знаменитостите на Охрид како црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“. А премиерите на двете земји положија цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј на градското пристаниште.